Две илјади и петстотини деца на возраст од три до девет години од повеќе од 20 градинки и училишта во државава беа опфатени со проектот „Нашата мала библиотека“ што се реализираше во учебната 2024/2025 година. Целта на проектот беше да се роди и развива љубовта кон книгата од мали нозе, на начин што е соодветен за новите генерации. Проектот кај нас го реализираше издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје, во партнерство со пет европски издавачи. Резултатите од проектот денес беа сумирани на средба во „Јуроп хаус“ во Скопје, како дел од програмата „Скопје фелоушип“, на која учествуваат дел од издавачите што го работеа проектот во своите земји.
Носител на проектот е врвната издавачка куќа со голема традиција во издаваштвото за деца „КУД Содобност“ од Љубљана. Проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ што ја финансира Европската Унија. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура.

Децата со помош на читање сликовници учеле и имале многу интересни активности, како на пример: создавање воз со прочитани книги, правење кукли, се инспирирале да создаваат претстави, да снимаат видеа…
-„Нашата мала библиотека“ е еден од најблагородните проекти на кои досега сме работеле. Станува збор за проект кој се реализира веќе 18 години во земјите во Европа, нудејќи им на децата да учат низ забава и во ниту еден момент да не им биде здодевно. Во рамките на овој проект досега низ Македонија беа опфатени околу 2500 деца во една учебна година. Да се задржи вниманието на едно дете и при тоа да го осознае светот околу себе не е нималку лесно, во време во кое најмладите совршено ги следат и совладуваат современите технологии. Во која мера македонската литература за деца ги следи светските трендови будејќи ја љубота кон читањето. Ќе бидете изненадени не само нашето творештво за деца, туку воопшто македонската литература, мислам дека во последниве десет – петнаесет години е некаде на врвот кога станува збор за литературите на Европа. И тоа не е само мое размислување, туку од многу колеги и во издаваштвото и колеги писатели – рече Дејан Трајкоски, уредник во „Прозарт медиа“.

Во рамките на овој проект, на естонски, полски, хрватски, грчки и словенечки јазик беше преведена и сликовницата „Девојчето и мечето“ на Ване Костуранов. Со ваквите проекти се прави и директен пробив на македонските автори за деца пошироко.
-При создавањето на проектот имавме предвид какви се денешните деца, во какво време живеат и целото влијание на дигиталните технологии. И свесни дека децата светот најмногу визуелно го восприемаат одбравме начин една сликовница, една книга да се обработува подолг временски период со различни активности кои што нема да им бидат здодевни, но ќе го задржат нивното внимание“, изјави Аленка Урх, координаторка на проектот од „Куд содобност“.

-Од мали нозе треба да се почне за да се стане возрасен читател. Тоа е посебно предизвикувачки во овој дигитален свет. Се обидуваме на различни начини како да ги мотивираме современите деца да ја засакаат книгата. Тие денес функционираат многу визуелно, како да се сконцентрираат и со различни доиполните активности, да создаваат работи на основа на книгите. Да добијат впелчаток дека читањето може да биде и забавно, што е важно. 30 месеци проект, со прекрасни партнери, со кои соработката беше многу корисна. Прекрасно патување. 48 изданија беа издадени и 22 автори и илустратори. Учениците се среќаваа и со авторите, на зум, во живо… Мислам дека ја зближува заедницата на децата, но и на возрасните, наставници, библиотекари, но и на нас издавачите. 30 месеци да работиме едни покрај други. Се надевам дека уште многу ќе имаме прилика – вели Аленка Урх, уредник во „КУД Содобност“.

Дел од учесниците на „Скопје фелоушип“ ги споделија своите искуства.
„Скопје фелоушип“ програмата годинава има рекорден број учесници – 15-мина. Издавачите денес се сретнаа со претставници на Македонската асоцијација ја издавачи и разговараа за можни соработки и преводи.





