Црквата е датирана во 6 век, но има елементи и на постари слоеви. Засега не е познато до кога била користена. По овие информации археолозите ќе трагаат во наредните истражувања
Тврдината во Бислимска Клисура била развиена населба со подолг временски период на живеење. Своевиден регионален центар во кумановската област во периодот на доцната антика, велат археолозите од Музејот од Куманово. Тие во минатите два месеца вршеа археолошки ископувања на ранохристијанската црква на локалитетот Градиште, кај селото Пчиња, во Бислимска Клисура. Истражувањата се одвиваа во ноември и декември, а со нив раководеше Дејан Ѓорѓиевски од кумановскиот Музеј. Црквата е датирана во 6 век, но има елементи и на постари слоеви. Засега не е познато до кога била користена. По овие информации археолозите ќе трагаат во наредните истражувања.

Поглед кон утврдувањето од јужна страна
Ѓорѓиевски објаснува дека сондите биле прецизно поставени, според претходните анализи на снимките направени со ЛИДАР и ГПР и преку анализа на теренската ситуација.
– Сите анализи укажуваа за добро сочуван краен (западен ѕид) на црквата и можно постоење на анекс од јужната страна. Поставивме сонда и во внатрешноста на црквата. Се потврдија нашите претпоставки. Црквата била долга 20 метри, широка 10,5 метри, а на западната страна имала и нартекс што го откривме оваа година. Нартексот е долга 10,5 м., а широка 3,4 м. – објаснува Ѓорѓиевски.

Фотограметрија на досегашните истражувања / Фото: С. Анчевски
Западниот ѕид на нартексот е сочуван во висина од 1,7 м., а во него се влегувало од јужната страна преку посебна просторија – анекс, кој археолозите го откриле кон крајот на ископувањата. Засега не ја знаат точната функција и големина на црквата. И тоа ќе го истражуваат во следните години.
– Во централниот дел на црквата, покрај северниот стилобат, откривме поголем фрагмент од декориран камен со благо закривување, кој најверојатно го претставува горниот дел од амвонот – издигнато место за проповед за свештеникот, на кое се стигнувало по скали. Неговата точна локација ќе ја бараме во наредните истражувања – вели Ѓорѓиевски.

Остатоци од амвонот
Според него, новооткриените елементи на црквата – нартекс, анекс и амвон, покажуваат дека воопшто не се работи за некоја мала градба во мала населба.
– Напротив, развиената архитектура зборува за потреба од развиен литургиски чин на кој присуствуалe повеќе луѓе. Сето ова кажува дека тврдината во Бислимска Клисура била развиена населба, своевиден регионален центар во кумановската област во периодот на доцната антика – вели Ѓорѓиевски.
Ископувањата се целосно финансирани од Министерството за култура и туризам.

Дел од наос, нартекс и влез во црквата





