Направивме филм кој во непрекинат кадар ја раскажува приказната

„Среќна сум што две години после снимањето и учествата на меѓународни фестивали конечно може да го споделиме филмот со македонската публика“, рече режисерката Елеонора Венинова на македонската премиера на краткиот филм „Прошетка“ што се одржа во преполна сала во новоотвореното кино „Киноверзум“ во Кисела Вода. Низ емотивни излагања по проекцијата, членовите од екипата зборуваа за текот на снимањето и за предизвиците на снимање на филм во еден кадар.

– Работев со прекрасна екипа во текот на три исцрпувачки, но забавни денови. Направивме филм кој во еден непрекинат кадар раскажува приказна за мало девојче кое низ разговор со непозната жена се обидува да открие што се случило со нејзината баба. Воедно бев и продуцент на филмот, така што ова беше едно навистина поинакво искуство – вели Венинова.

Главните улоги ги толкуваат Билјана Драгичевиќ-Пројковска и младата Надиа Кирковска. Директор на фотографија е етаблираниот македонски кинематографер Фејми Даут, а филмот го продуцира Венинова заедно со Гоце Кралевски преку „Три точки продукција“.

Слаѓана Вујошевиќ (лево) и Елеонора Венинова

– Ваквите ликови се најтешки за игра бидејќи секој од нас има свое видување за тоа што значи, како се доживува и интерпретира лик од другата реалност. Предизвикот е голем затоа што преку личното треба да се стигне до општото, да се доближи интимната слика до генералното чувство. Во ова патување пресудна беше играта во играта, преку која со Елеонора и малата талентирана Надиа стигнавме до посакуваното видување, преку ова заедничко патување, заедничка игра меѓу видливото и невидливото – вели Драгичевиќ-Пројковска.

Билјана Драгичевиќ-Пројковска

Ова беше прво прикажување на краткометражниот филм во Македонија по светската премиера на престижниот Фестивал за краток филм во Леувен, Белгија. После овој фестивал „Прошетка“ ја имаше американската премиера на фестивалот СЕЕФест во Лос Анџелес, а се прикажа и во Шпанија на Интернационалниот фестивал во Паленсија, на сите во официјална конкуренција.

Надиа Кирковска

Сценографијата е на Александра Петкова, костимографка е Жаклина Крстевска, шминката е на Ирена Сенокозлиоска, камера оператор и колорист е Ѓорѓи Клинчаров, дизајнер на звук Дарко Спасовски, монтажер Гоце Кралевски, а композиторка на музиката е Мартина Силјановска. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм, во продукција на „Три точки“ и во соработка со „ДНФ Филм“ и „Вардар филм“.

Фото: Огнен Анчевски

Сподели