НАкС: Наместо зголемување на студентската партиципација, транспарентно финансирање

Универзитетите треба да предлагаат решенија во насока на подобрување на транспарентноста на финансирањето и реализацијата на буџетот од Министерството за образование и наука, а не во зголемување на издатоците на грбот на студентите, реагираше вчера Независниот академски синдикат (НАкС) укажувајќи дека раководството на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ неодамна отпочнал дискусија во рамки на своите единици за евентуално зголемување на висината на студентската школарина и партиципација.

– НАкС, од своето основање во 2016 година до денес се бори за воведување на транспарентен систем на финансирање во високото образование. Со ова подразбираме создавање јасна методологија за креирање на буџетот на МОН со воспоставени критериуми за распределба и реализација на средствата кон различните високообразовни и научни институции, и секако, критериуми по кои се формираат платите на кадарот во секторот високо образование и наука.

Во вака поставениот систем, партиципацијата на студентите нема никаква улога. Студентската партиципација воведена пред 20-тина години, до нејзиното целосно укинување за достигнување на идеалот на бесплатно образование за кој НАкС се залага, треба да се користи исклучиво за подигнување на студентскиот стандард, вклучувајќи ги опремата и материјалите кои им се потребни за да бидат подобри студенти, а никако за покривање на другите трошоци на универзитетите – велат од НАкС.

Според нив, одговорноста за финансирањето на високообразовните и научните установи припаѓа исклучиво на државата и ресорните министерства, а понатаму на раководствата на универзитетите и факултетите. Тое потсетуваат дека од потребниот транспарентен систем за финансирање во високото образование и науката, од 2018 година до денес, реализирана е само последната алка – транспарентно формирање на платите на кадарот во секторот високо образование и наука од буџетот на МОН, и тоа како здружен напор на СОНК и НАкС, со гранковиот колективен договор од 2021 година.

– Во меѓувреме не се направени никакви напори од државата и од надлежните тела да се постават другите столбови на финансиската транспарентност. Потенцираме дека зголемувањето на студентската партиципација само привремено ќе ги одложи реформите кои мора да се случат за одржливо финансирање на јавното високо образование и наука. Само транспарентен систем за финансирање во високото образование и науката може да обезбеди правичност, извесност и одговорност во финансирањето, кое би резултирало со поквалитетно образование и наука и повисок студентски стандард во Македонија – велат од НАкС.

Сподели