Независниот академски синдикат (НАкС) го поддржува штрајкот на нашите колеги, просветни работници, коишто се вклучени во воспитно-образовните процеси на децата од предучилишна возраст, во основното и во средното образование. Тие сметаат дека барањето на Самостојниот синдикат на образованието, науката и културата за усогласување на платите согласно зголемувањето на минималната плата е апсолутно неопходно со цел остварување на правата гарантирани со закон и со колективните договори.
– Потсетуваме дека иако НАкС го поздрави покачувањето на минималната плата, со што се подобри положбата на вработените со најниски примања, баравме соодветно зголемување и на платите на останатите вработени. Зголемувањето на платите за сите вработени, вклучително и за вработените во високото образование и науката е нужно со цел да се избегне воедначување на надоместокот што го добиваат вработените што вршат работа со различна сложеност или различен степен на образование. Оттука, бараме Министерството за образование и наука да биде одговорен партнер во социјалниот дијалог и веднаш да ги започне разговорите за усогласување на Колективниот договор за високо образование и наука со Законот за минимална плата од февруари 2022 и на тој начин да ја заштити неговата функционалност. Во спротивно, ќе бидеме приморани да преземеме порадикални чекори со цел исполнување на нашите права – вели НАкС.