Бела „лада нива“ натоварена со новогодишни пакетчиња, зеленило, украси и светилки вчера кружеше низ Скопје. Под мотото „Среќна Нова Година Скопје“ креативците од Центарот за современи уметности се обидоа на граѓаните на Скопје да им го доловат новогодишниот дух и новогодишната магија и да ги израдуваат децата од ранливите категории деца на улица со новогодишни пакетчиња и слични подароци.

– Инспирација за оваа акција е годинашното, но и со години наназад никаквото, кич, некреативно и летаргично украсување на градот и јавните простори по општините и маалата.

Токму затоа решивме да ја украсиме „ладата“ и возејќи ја да ги изненадиме и да им изнудиме насмевки на скопјани во овие претпразнични пандемиски денови. Кога веќе возиме решивме и да ги израдуваме децата на улица, да им поделиме подароци и новогодишни пакетчиња и тие барем малку да ја почувствуваат новогодишната магија – велат активистите.

Децата кои не припаѓаат на ранливите категории и под своите елки веќе имаат мноштво подароци и пакетчиња, ја добија на подарок приказната „Девојчето со кибритчињата“ од Ханс Кристијан Андерсен за да се поттикне нивната хуманост и солидарност и она што го имаат да го споделат со своите врсниции и другарчиња кои немаат доволно.

Акцијата ја организира Центарот за современи уметности со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество Македонија.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.