„Секогаш е возбудливо да се открие нов кореограф кој ги исполнува очекувањата. Сепак, Рисима Рисимкин и Скопје танцовиот театар не се нови на сцената на современиот танц. Македонските танчери, се имаат претставено со бројни дела низ светот, но за првпат беа поканети во Франција на задоволството на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз. Единствено жалиме што претставата се играше само три дена“ – стои во критиката на Денис Санглар за Un Fauteuil pour L’Orchestre , по гостувањето на Рисима Рисимкин со Скопје танцовиот театар во Националниот театар за современ танц Шајо во Париз.

„Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ е креација која брилијантно покажува колку овој авангарден кореограф со талент и инвентивност го преиспитува кореографскиот гест, движењето и неговата експресивност. Претставата е оценета со највисоката оценка, три ФФФ, т.е. како нешто што не смее да се пропушти во ниедни услови.

– Во време на пандемија, која исклучува речиси секаков физички контакт, Рисима Рисимкин го создава она што недостасува, фрустрацијата од отсуството на телото на другиот. Оваа хиперсофистицирана кореографија, како и костимите, светлата и сценографијата се дел од еден апокалиптичен универзум, по малку анкциозен, но во исто време на чуден начин мирен во своето движење, дури и воздржан, додека во позадината се слуша една застрашувачка музика. Хибриден танц на чудни суштества, мутанти, понекогаш облечени во потпетици. Тела кои осцилираат помеѓу напнатост и релаксација. Гестикулации на ширење и затегнување, постојано под контрола, понекогаш механички и репетитивни, но целосно ослободени од какви било ограничувања. Некои слики се дури и скратени во нивниот импулс, со ненадеен и произволен крај, неодгатлив. Исто како што, во овој проблематичен период, сè беше осудено на една нецелосна состојба, до фрустрација.

Телата, колку и да се блиску, никогаш не се допираат. Без разлика дали се заедно или сами, растојанието останува исто, секој е закотвен во својата сфера што не ја напушта, бидејќи сега таа им претставува единствениот универзум, обвинувајќи ја оваа изолација што не ја прекршуваат и покрај обидите и импулсите.

Сепак во ова принудно затворање може да се роди чувство на слобода и опиеност. Убавината и грациозност во солото на жена-лебед е манифест или израз на слобода што и покрај сè останува, чин на отпор.

И тоа е несомнено она што ја карактеризира оваа креација означена со печатот на пандемијата. Оваа наметната желба да не се откажуваме и во длабочините на себеси, преку гестикулација на телото, да ја пронајдеме слободата и убавината без којашто не може да има создавање“ – стои во критиката.

Музиката за претставата е на Тони Китановски, сценографија и светла на Матеа Мијановиќ, костимографија на Блогој Мицевски. Настапија танчерите: Анатасија Данчевска, Мими Поп Алексова, Сара Цветковска, Бобан Русески, Дејан Битровски, Стефани Шааршмит, Емилија Милак.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.