Најтешка e борбата со самиот себеси

Пишува: м-р Маја Георгиева Павловски, семеен и системски советник

Изминативе години често се пишува за анксиозноста, за видовите на анксиозност, за симптоми, техники и совети што помагаат за оваа состојба. Моето секојдневно искуство со личности кои се соочуваат токму со анскиозност говори дека, за жал, бројот расте сè повеќе секојдневно.

Анксиозноста е состојба која многу често доведува до попречување на секојдневното функционирање. Луѓето што се соочиле/соочуваат со анксиозност прочитале и знаат речиси сè. Пред да дојдат и побараат помош имаат информации повеќе од што можеме да замислиме. Но, она што не умеат е како да си помогнат себеси. Бараат помош со речениците: „Полудувам” ,,Јас повеќе не можам да издржам”, „Сакам да сум како порано“, „Немам сила да станам да одам”…

Чувствувајќи се немоќни да продолжат со секојдневното нормално функционирање бараат помош за промена што е можно побрзо. Она што треба да се знае е дека процесот за промена бара време и многу трпение, желба и носење одлуки, а најважно од сè – доверба во стручното лице кому ќе се обратите.

Во работата со стручно лице, од голема важност е првата средба, воспоставување на комуникацијата и доверба за споделување работи кои претходно не се споделени, а се потиснати во душата. Многу е важно личноста да има можност да почувствува безбеден простор, со насоки и прашања да го истражува својот внатрешен свет, своите емоции. Можност да ги слушне гласно своите мисли и со соодветни техники да започне да ги менува и мислите и своето верување. Во текот на работата на себе, личноста се поттикнува да се спротивстави на најлошите мисли и сценарија преку развој на сопствените резилиентни сили.Процесот, покрај активно слушање, разговор, техники, насоки, вклучува и совети за исхрана која јазголемува/намалува анксиозноста, како и совети за промена на начинот на живот.

Анксиозноста дошла кај вас, сте ја препознале, седнете очи в очи со неа и прифатете ја како што прифаќате гостин во домот, прашајте ја зошто дошла токму кај вас? Таа секогаш доаѓа со причина – да седнеме, да паузираме од сите активности, да поразговараме со девојчето/ момчето во нас и да видиме што правиме, што треба да промениме кај себе и за себе. Дали сакаме да сме тука каде што сме? Колку време си посветуваме за себе, колку се грижиме за себе и своите емоции? Одговорите се во самите нас.Промената е во самите нас.

Да не заборавам да потенцирам дека многу важно е и опкружувањето на личноста која се соочува со анксиозност, колку има разбирање, прифаќање и поддршка од најблиските.

Техниките за прифаќање, соочување и надминување на предизвиците ќе се совладаат со помош на стручното лице, но многу, многу важно е да нема осуди, да нема реченици „Размазен/а си, стани не ти е ништо, тргни ги мислите од глава“, „Ништо не ти е, ќе ти помине“. Токму ваквите реченици ја зголемуваатанксиозноста. Наместо тоа, потрудете се да прифатите, разберете дека на личноста која минува низ процесот ù е потребно многу љубов, добар збор, искрена прегратка, плачење пред блиските, тишина со партнерот, а не сожалување, прекинување на тој „негативен” разговор, затворање врата и оставање сам/а.

Има многу совети, би издвоила неколку кои се ефикасни за оние што се соочуваат со анксиозноста:

1. Стравот е оној што не дозволува да се опуштите и да уживате во животот. Не потиснувајте го! Колку повеќе бегате од него, толку е поприсутен. Стравот не е израз на слабост, туку соочувањето со него е израз на храброст. Усвојте стратегии и соочете се со стравот, погледнете му во очите, не трудете се да бегате од него, зашто тоа е невозможно. Верувам и знам дека е тешко, но пробајте да се препуштите на стравот, препуштете се на чувството дека нешто ви „лази низ цело тело“, да помине тоа чувство низ вас. Прифатете ги сите симптоми кои ги носи анксиозноста. Ако не успеете сами, побарајте помош од стручно лице да ве води низ целиот процес.

2. Често ги слушам прашањата: Што ако? Дали требаше така да постапам? Преиспитувањето и самообвинувањето за дадени ситуации што поминале, може само да ви ја зголемат анксиозноста. Продолжете со животот без жалење за нешто што сте направиле или не сте направиле во минатото. Тогаш сте постапиле онака како што сте знаеле и умееле најдобро. Наместо обвинување „Каков бев, каков сум сега“ и споредување, најдете активност која вам ви одговара (пишување, медитација, дишење, читање, физичка активност…) На почетокот, тоа е многу тешко, но чекор по чекор започнете, секој ден по малку ќе стигнете до целта. За секој успех, кажете си браво, пофалете се и продолжете!

3. Секој успех доаѓа доколку веруваме во она што го правиме. Затоа и пишав колку е значајна довербата во стручното лице. Уште позначајна е довербата во себе. Верувајте дека имате сили да прифатите она што ви се случува и верба дека ова ќе помине со труд и работа на себе. Целата сила е во нашата самодоверба.Победник е оној кој верува во победата.

4. Соочете се, прифатете и препуштете се. Имајте трпение. Дајте му време на времето. Времето ќе го направи најдоброто за вас. Наместо самосожалување, преземете одговорност за својот живот во свои раце и одете напред, работете на себе, побарајте помош. На тој начин ќе успеете да продолжите со секојдневното нормално функционирање и ќе продолжите да се  радувате на животот кој е прекрасен.

Најтешка борба е борбата со самиот себе. По завршување на таа „борба“ и на процесот, нема да бидете како порано, туку ќе бидете уште подобри од порано, со повеќе грижа и љубов кон себе, со поголема самодоверба и без грижа на совест да кажете НЕ, кога нешто не сакате. Нема да ве „прогонува” она непријатно чувство дека не сте совршени и дека не сте секогаш силни. Имате право и вие понекогаш да се чувствувате слаби.

Сподели