Два македонски и еден копродукциски филм ќе бидат на репертоарот на Кинотеката за последната недела од јануари. Станува збор за „Снежана на крајот умира“ по сценарио и режија на Кристијан Ристески и „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Струга-Митевска. Во чест на француската режисерска легенда Жан-Лик Годар, на 27 јануари во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Презир“.

Во дебитантскиот игран на Ристески играат: Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Тино Костадиновски и Давид Јанакиев во главните улоги. Филмот на Ристески имаше светска премиера на „Слемденс“ во САД, еден од највлијателните фестивали на независниот филм, а со неговата македонска премиера се затвори минатогодишното, 43-то издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. „Снежана на крајот умира“ ќе се прикажува денеска и на 25 и 30 јануари со почеток од 20 часот.

Петтиот игран наслов на Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“, чиј косценарист е Елма Татарагиќ, имаше светска премиера во натпреварувачката селекција на програмата „Хоризонти“ на венециското Биенале, а потоа учествуваше на десеттина фестивали ширум светот.

Новиот филм на Митевска, со Јелена Кордиќ Курет, Аднан Омеровиќ, Лабина Митевска, Ксенија Маринковиќ во главните улоги, беше и македонски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата најдобар странски филм. Филмот во Кинотеката ќе се прикажува на 26 и 30 јануари од 20 часот и на 31 јануари во 18 часот.

„Од рајот“ е новиот наслов на сценаристот и режисер Срѓан Драгојевиќ. Во неговата сторија составена од три приказни за трите божји чуда играат Горан Навојец, Ксенија Маринковиќ и Бојан Навојец. Филмот премиерно беше прикажан на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно, по што учествуваше на фестивалите во Котбус, СинИст, Балкан Панорама, Острава Камера Око, Валенсија… ОД РАЈОТ беше дел од официјалната програма 43. ИФФК „Браќа Манаки“ – 2022 во Битола: директор на фотографијата е Душан Јоксимовиќ, редовен соработник на Срѓан Драгојевиќ.

Овој филм ќе се прикажува денеска од 17 часот, на 25, 26 и 31 јануари.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.