Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје задутре (14 јули) во 19.30 часот ќе се одржи бесплатна прошетка низ изложбата за наградата „Денес 2022“. Присутните низ делата на Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска (лауреат на наградата), Кристина Пулејкова и Зоран Шекеров ќе ги води инспиративната историчарка на уметност Бојана Јанева. Таа преку иницијативната „Најново нормално“ подолго време организира едукативни галериски и музејски прошетки низ актуелни изложби во Скопје.
– Оваа прошетка ќе ги втурне посетителите во едно необично искуство кое ќе им овозможи одново запознавање со градот Скопје и причините поради кои вреди повторно да му се навратиме со љубопитност, наместо со носталгија – велат од „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ кои го организираат доделување на наградата „Денес“.
Прошетката ќе почне пред влезот на „Мала станица“ и е наменета за сите заинтересирани, без претходно пријавување.