Во „Најмила Фиона“, режисерката се обидува да ги тестира границите и нормите на филмската уметност, создавајќи компилација од архивирани, црно-бели снимки од секојдневието на Холанѓаните, стари околу сто години
Пишува: Евгенија Арсова, Гледај.мк
Стоминутен документарец со вонсериска хипнотичка моќ, кој создава чувство како кога човек е заглавен во бесконечна верига од видеа на некоја од социјалните мрежи – веќе одамна му е загубена перцепцијата за време и простор, очите му се фиксирани на екранот, но ниту тој самиот не знае зошто е сè уште тука. Сепак, набрзо се јавува прашањето дали е доволно само вештото задржување на вниманието, за да се оправда скоро двочасовниот експеримент на визуелната уметничка Фиона Таан?
Во „Најмила Фиона“, режисерката се обидува да ги тестира границите и нормите на филмската уметност, создавајќи компилација од архивирани, црно-бели снимки од секојдневието на Холанѓаните, стари околу сто години. Снимките се проследени со англиска нарација со шкотски акцент на писма адресирани до самата режисерка, за време на нејзините студии во Амстердам, од страна на нејзиниот татко кој е стациониран во Австралија. Она кое што на почетокот на гледачот му изгледа како потенцијално возбудливо филмско искуство набргу станува некохезивно и хаотично.
Оставено е на публиката да ја пронајде основата на којашто се темели единството на она што го гледа (снимки од работници во полињата и фабриките, рибари на лов, деца на училиште и на работа), и она што го слуша (нежниот, обземачки глас на Иан Хендерсон, читајќи ги писмата на таткото на Таан). Оваа потрага набргу се претвора во невозможна мисија бидејќи единствена допирна точка на овие два света е локацијата, односно Холандија, каде што живее режисерката на која ѝ се посветени тие написанија.
Уште поважен аспект од самата некохезија е тоа што филмското дејство буди исклучителна љубопитност кај гледачот која останува незадоволена. Потенцијалните етички, односно политички дебати околу клучни историски настани во тој период, се сведени на само неколку реченици површен опис на актуелните ситуации од страна на таткото. Дополнително, безброј инкогнито ликови се појавуваат на филмското платно, а гледачот не дознава ништо за нив освен тие неколку минути од нивните животи. Како контраст на содржината, оживувањето на инаку црно–белиот нем видеоматеријал преку додадената боја (Ксандра тер Хорст) и звучни ефекти (Хуго Дијкстал) кои се надоврзуваат на гласот на Хендерсон, се токму она коешто го прави овој филм пријатен за гледачот.
И покрај тоа што „Најмила Фиона“ има капацитет да го задржи вниманието на публиката, запленувајќи со видео и аудиоестетика на високо ниво, тоа не компензира за тематското и аудиовизуелното неединство. Останува прашањето колку вака поткрепеното долгометражно филмско искуство ги потхранува и задоволува потребите на гледачот чии очи се долго време фокусирани на екранот.