Најинтересни отсекогаш ми биле авторите што живееле во туѓина, а чија филозофија била македонствувањето

Имав среќа да работам на изворната документација на блескотното поглавје во македонската литература „Македонскиот литературен кружок“ во Софија кој постоел и работел од 1936 до 1941 година. Од 10-ина томови посебно би сакал да ги издвојам монографските трудови за Михаил Сматракалев, Антон Попов, Асен Шурдов Ведров, Антон Великов и Георги Абаџиев – вели Васил Тоциновски

Пишува: Александра Јуруковска

Втората половина на 19. и првата половина на 20. век. Тоа се пресудните раздобја кои ја одредуваат судбината на македонската книжевност, ги трасираат патиштата во иднината и низ истражувањата во дамшните и странски библиотеки и архиви за вечното и едно од најактуелните прашања на книжевноста за дводомните автори, прашање старо колку што е стара и книжевноста – вели Васил Тоциновски, еден од најплодните македонски писатели и публицисти, кој во изминатата 2022 година го одбележа и својот голем јубилеј 50 години творештво.

Неговата прва стихозбирка „Тајна во сонот“ излегла во 1972 година, а во 1980 година ги објавил литературно-историските записи „Моќ на поетската реч“. Оттогаш до денес е автор на 120 книги од сите области. Бил главен и одговорен уредник на Телевизија Скопје, уредник на најстарото списание за литература, култура и уметност „Современост“, директор на Институт за македонски фолклор „Марко Цепенков“, научен советник во Институтот за македонска книжевност, секретар на Друштвото на писателите на Македонија итн.

Од 2008 до 2014 год. го водеше Лекторатот по македонски јазик и литература во Риека, Хрватска. Тоциновски е добитник на триесетина домашни и странски награди и признанија, меѓу кои и државните награди „Св. Климент Охридски“ и „Гоце Делчев“ за наука и „Крсте Мисирков“ за новинарство. Потоа „Димитар Митрев“ наградата за критика и есеистика на Друштвото на писателите на Македнија, „Ванѓа Чашуле“ за превод на Сојузот на книжевни преведувачи, како и „Гемиџиите“ за животно дело на Велес.

Најдолговечното и угледно македонско книжевно списание „Современост“ е негова голема љубов. Две децении бил член на редакцијата, а по замнинувањето на Александар Алексиев од 2003 до 2012 година и главен и одговорен уредник, кога во редакцијата се и Ранко Младеноски, Славчо Ковилоски и Никола Алтиев. Во Ковилоски и Стефан Марковски гледа посебности и вредности во кои се препознава себеси и својот влог во ова списание.

Што Ви го трасираше патот во книжевната, а што во научната и во публицистичката мисла?

– Како студент на групата Историја на книжевностите на народите на СФРЈ на Филозофскиот факултет во Скопје учев од најдобрите: Блаже Конески, Димитар Митрев, Харалампие Поленаковиќ, Кирил Пенушлиски, Мирко Павловски, Гане Тодоровски. Сакам да ги споменам и пријателските совети од Александар Алексиев и Благоја Иванов не само за пишување, туку и за објавување текстови во списанијата „Современост“ и „Разгледи“. Размислувајќи за почетоците, би рекол дека уште во првите трудови мој интерес беа помалку познатите или заборавени автори, процеси и манифестации, појави и пројави. Но, најмногу ме привлекуваа приказните за македонските писатели кои живееле во туѓина, така им одредила судбината, го користеле туѓојазичниот исказ, но нивна единствена тема, која прераснува во посебна филозофија е македонствувањето.

Како гледате на периодот на Вашето професорување на Лекторатот во Риека ( 2008 до 2014) и зошто тој кој важи за еден од најсилните македонистички центри?

– Во текот на шест академски години петте македонистички предмети ги слушаа 1 224 студенти. Во летниот семестар ги имав предметите: Македонски јазик 1, Македонска литература 19. и 20. век и Македонска култура и цивилизација. Неделно предавањата се остваруваа во циклуси по четири часа. Во зимскиот семестар студентите ги следеа Македонски јазик 2, четири и Монографски пристап кон теми од современата македонска книжевност, два часа. Она што сакам посебно да го истакнам е моето инстистирање за изработка на семинарски работи, кои носеа одреден број бодови во оценувањето, што беа завршени од сите студенти. Точно укажував дека не може да се положи испитот ако не се знаат св. Климент Охридски, Јоаким Крчовски, Крсте Мисирков, Кочо Рацин, Блаже Конески, ако не се знаат Илинден и Крушевската Република. Нека не биде самопофалба, оти ова се дел од аргументите на општествената заедница и колегите оти бевме најголемиот македонистички центар во светот.

На кој дел од Вашата работа во Институтот за македонска литература со радост се сеќавате?

– Најнапред работев и раководев во Одделението за македонска литература во 20. век, а потоа во Одделението за македонска литература во 19. век. Наша обврска и резултат беа повеќе успешно остварени научни проекти за значајни книжевни процеси и појави, автори и дела. Тоа е време кога имав среќа да работам на изворната документација на блескотното поглавје во македонската литература Македонскиот литературен кружок во Софија кој постоел и работел од 1936 до 1941 година. Од десетината томови посебно би сакал да ги издвојам монографските трудови за Михаил Сматракалев, Антон Попов, Асен Шурдов Ведров, Антон Великов и Георги Абаџиев.

Какви спомени и творечки моменти Ве врзуваат за Македонската телевизија или тогашна Телевизија Скопје?

– Во тогашната Телевизија Скопје се вработив во 1969 година, веднаш по дипломирањето на Филозофскиот факултет. Таму минав дваесет години, како водител на телевизискиот дневник, коментатор, уредник, главен и одговорен уредник на Втората програма (1981-1984), што го сметам за златен период на дејствување и резултати, особено со документарните филмови, и на Секторот за училишна, образовна и научна програма (1985-1988) каде што последен мој проект беше незаборавната „Бушава азбука“. Тоа беше време и на меѓународната соработка на тогашната ЈРТ. Студиски престои, фестивали, копродукции, програмски гостувања. Во Милано, со режисерот Слободан Унковски бевме на фестивалот Про Футура каде беше преставена епизода од серијата „Бушава азбука“. Потоа престојот на Рим како резултат на копродукцијата со РАИ 1, на серијата од три епизоди на словенската писменост и капиталното дело на солунските сесловенски провестители браќата св. Кирил и Методиј.

Какви беа телевизијата и радиото во Ваше време, а што денес е изменето во пристапот кон традиционалните медиуми?

– Тоа беа времиња кога радиото, телевизијата и дневните весници имаа своја традиција и беа значаен составен дел од општествената реалност. Сето тоа се остваруваше низ проверени и квалитетни релации и димензии, долгорочни програмски планирања со домашна жанровски разновидна продукција и обработена странска програма. Според мене, телевизијата како медиум немаше функија да го замени, туку да го збогати и прошири видокругот и знаењата на луѓето, гледачите. Или едноставно да информира, забавува, поучува, да го дополнува и дорекува, да го разубавува секојдневието.

Кои се Вашите сегашни преокупации?

– На работната маса имам три нови книги кои чекаат да ја видат светлината на денот. Стихозбирката „Еден миг живот“, книжевно-историски студии за автори и дела, процеси и појави во 19. и 20. Век, „Балкански вознеси“ и критичко-есеистичка книга за автори и дела од современите балкански литератури.

Сподели