Најголем предизвик за улогата во „Дневникот на машиновозачот“ ми беше како да играм резигниран човек

Филмот „Дневникот на машиновозачот“ во режија на Милош Радовиќ беше прикажан синоќа во Амфитеатарот во Дојран, во чест на лауреатот на наградата „Мето Јовановски“, Лазар Ристовски. Публиката беше одушевена од драмата со примеси на комедија што ја третира темата на машиновозачите и траумата што ја имаат поради неизбежната појава на прегазување на луѓе на железничките пруги. По проекцијата на филмот публиката беше дел од сесија на прашања, а актерот Ристовски со задоволство одговараше на љубопитната публика.

– Мојот татко беше железничар, а на Милош дедо му бил машиновозач и имавме педигре и предзнаење. Во Србија е направен документарен филм за оваа проблематика. На секој машиновозач има газење и тоа се трауматични работи што ги доживуваат. Машиновозачот треба да почне да кочи 700 метри пред да застане. Пред некоја година филмот се прикажуваше во Хаг и публиката поставуваше многу прашања. Отпосле сфативме дека половина сала биле машиновозачи. А токму во тој град најголема е смртноста при фрлање под воз. Баш денот кога требаше д летаме назад во Србија, имаше незгода, некој се фрлил под воз – раскажа Ристовски.

Сцена од „Кога завршува летото“

Еден од најголемите предизвици при создавањето на оваа улога за него било фактот дека требало да игра резигниран лик, несреќен и очаен.

На прашањето дали користел и лично искуство со своите синови за градењето на релацијата со младото момче кое случајно му стана син во филмот, Ристовски сподели дека неминовно е да се вметнат и приватни елементи.
– Балканските татковци имаме некоја грубост, мислиме дека не е добро да ги гушкаме синовите, за да не ги размазиме. Така некако и јас сум со моите два сина, слично како ликот во филмот.

Наградата „Мето Јовановски“ ќе му биде врачена на Ристовски вечерва во 20 часот. Потоа ќе бидат презентирани победниците од ланската програма за развој и продукција на студентски и дебитантски филмови. Од официјалната програма ќе биде прикажан хрватскиот филм „Кога завршува летото“ во режија на Данис Тановиќ.

Сподели