Најчитаните текстови на Умно.мк во 2023 година

Известувавме од многу случувања, промовиравме вистински вредности, објективно ги критикувавме нештата што треба да се подобрат

Им помогнавме на таленираните ученици да заминат на олимпијадите во Јапонија каде постигнаа врвни резултати, влијаевме да се стопира несоодветната конзервација на црквата од 14 век „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, го пренесовме гласот на просветните работници кои бараат повлекување на концепцијата за основно образование, ја коригиравме „несоодветната“ татковина на Блаже Конески на Струшките вечери на поезијата, но безрезервно го поддржавме фестивалот како и театарскиот „Војдан Чернодрински“, филмскиот „Браќа Манаки“, фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“, „ПРО-ЗА Балкан“ и многу дуги настани во текот на целата година. Известувавме од многу случувања, промовиравме вистински вредности, објективно ги критикувавме нештата што треба да се подобрат. Ова се дел од најчитаните текстови кои Умно.мк ги објави во 2023 година.

Најчитан текст е „Просветните работници од Куманово бараат целосно повлекување на новата концепција за основно образование“. Здружението на просветни работници – Куманово упати барање за целосно повлекување на Новата концепција за основно образование и итно печатење учебници по наставните планови и програми до 2020 година. Барањето е упатено до: Министерство за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Народниот правобранител, Секторот за образование – Куманово, Државниот просветен инспекторат и Комисијата за спречување на дискриминација. Наставен кадар од девет основни училишта од општината Куманово и гимназијата „Гоце Делчев“.

Катарза на концертот на нестварниот принц на севдахот Божо Вреќо, Хаџиманов и Филхармонија“ е зивештај од концертот на принцот на севдахот кој го остави Скопје без здив. „Го остави во мислата колку нестварен уметник проследивме, слушнавме, видовме. Не попусто наречен дека е човек со ангелски глас, во тоа се увери полното гледалиште во Филхармонијата. На оваа средба во живо со македонската публика Божо Вреќо беше гостин на нашиот филхармониски оркестар, а во синергија со пијанистот Васил Хаџиманов, предводени од диригентката Дијана Имери Илкоска. Се вели по бисот се познаваат музичарите. Публиката, хипнотизирана, не сакаше да ја напушти салата и по долгиот аплауз и по песната изведена на бис“.

8-годишната Ана од Гевгелија е најсреќна во светот на книгите: Лектирите се интересни, ама многу се кратки“ е приказна за осумгодишната Ана Ружова, слатко девојче со љубопитни очиња, што сакаат да откриваат нови светови. Нејзината домашна библиотека веќе брои 80-ина наслови, но сака да биде што побогата. 200 се најмногу страници што ги прочитала во еден ден, тоа е нејзиниот рекорд. Најмногу сака да чита магични приказни, авантуристички и детективски книги. Се разбира, и распустот не ѝ помина без да прочита некое ново дело.

„Тоа што ми недостигаше, ми го додадоа браќата од Македонија“ рече во благодарната реч писателот Драго Јанчар кој ја доби наградата „Прозарт 2023“ на 11. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Меѓу другото тој напиша: „Драги преведувачи и пријатели, драги читатели на моите книги на македонски јазик. Можеби тие читатели не се многу, но поради нив овде се чувствувам како дома. Всушност, овие места и овдешните луѓе отсекогаш ми биле познати, уште од времето кога недалеку од овде поминав една година служејќи војска, во старото Станковиќе во Врање. И кога по неколку месечна вежба во касарната станав така таканаречен ,стар војник’, многупати во слободните недели од Врање се качував во автобус и одев до зелената тишина на средновековниот манастир Прохор Пчински, кој е исто така важен за поновата македонска историја. Или дури преку границите, кои никогаш не постоеле, па до Скопје. Таквите излети од касарната, секако не беа дозволени, но младиот човек, кој не ги сакаше забраните, го поттикнуваше љубопитноста: да види, да спознае каде го однел животот.“

На неправилностите во МИГ укажавме уште во 2020 година, вели Ѓорѓи Маркоски, претседател на Сојузот на математичарите на Македонија откако на почетокот на годинава талентираните ученици од Математичко-информатичката гимназија минатата недела ја бојкотираа наставата барајќи квалитетен наставен кадар. Маркоски детаљно ја објасни дека уште во 2020 година навеле неправилности: дека не бил објавен јавен оглас за предавачи, дека е ускратено правото на наставниците избрани во научно-наставни звања на соодветните високообразовни инститиции да учествуваат на огласот и дека некои од избрните предавачи во 2020 година немаат ниту завршено студии од соодветната област во согласност со Законот за МИГ.

Археолошкиот локалитет стар 6.000 години стана место за фотоволтаици“ е насловен текстот за археолошкиот локалитет „Св. Атанасиј“ кај кочанското село Спанчево каде приватна фирма поставува фотоволтаици. Археолозите што го истражувале енеолитскиот локалитет од 4.000 година пред новата ера тврдат дека тој не е сосема истражен и му се нарушува интегритетот. Од надлежниот Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип објаснуваат дека инвеститорот ги има сите дозволи и дека засега немаат основа да ги прекинат градежните активности.

„Донирајте! 600.000 денари ги делат математичарите-олимпијци од Јапонија“ е текстот што им помогна на младите математичари од Македонија да стигнат на Интернационалната математичка олимпијада во Јапонија која се одржа од 2 до 13 јули. Сојузот на математичарите на Македонија (СММ) кои го организираат претставувањето на нашата земја на ИМО 2023 отвори можност за донации за да им се олесни товарот на учениците. Тие неколкупати досега постигнаа фантастични резултати и освоија многу медали на регионалните и светските натпревари. За овој натпревар треба сами да си ги платат авионските билети до Токио. Апелот го забележа ТИРЗ (Технолошко-индустриски развојни зони) кои ја обезбедија сумата.

Шахот навистина може да има многу позитивно влијание на целокупниот образовен систем. Ги охрабрувам колегите, кои размислуваат дали да започнат со работа, воопшто да не се плашат од новитетот, зашто ние како наставници не треба да знаеме шах, во материјалите за работа е сè убаво средено, а нас ни останува да си играме и секако, да ги поврзуваме со секојдневието“, вели Анета Мицковска, одделенска наставничка во ОУ „Киро Глигоров“ во скопската населба Центар, едно од училиштата каде што уште во октомври шахот беше воведен како изборен предмет. Ова е едно од основните училишта каде што се воведе шахот, што како новина јавноста го прифати позитивно. Околу 300 наставници од скоро сите градови од Македонија веќе се обучени од членови на Шаховската федерација на Македонија, а во второто полугодие се очекува и поголема примена во школите.

Актерите Сашко Коцев и Јелена Јованова играат главни улоги во словенечката комедија „Нешто слатко“ (Nekaj Sladkega) во режија на ТВ-ѕвездата и стендап-актерот Тин Водопивец. Коцев е и копродуцент на филмот, а заедно со сценаристката Уршка Мајдич се потпиша и на сценариото на комедијата. Јованова е копродуцент од Хрватска. Филмот ќе има светска премиера вечерва во киното Cineplexx во Љубљана, каде ќе присуствуваат и нашите актери. Како се случи оваа соработка? Коцев за Умно.мк сподели дека Водопивец му е негов пријател од повеќе од десет години и заедно имаат настапувано на многу стендап-настапи во Скопје, Белград, Хрватска, Словенија…

Дојдовме во МИГ да напредуваме, а не да се прилагодуваме на нови професори секое полугодие“, изреволтирани во јавноста излегоа учениците од Математичко-информатичката гимназија од Скопје, кои ја бојкотираа наставата. Тие се незадоволни од изборот на професорите и нивната честа промена што влијае врз квалитетот на наставата. „Многу сме разочарани. Во прва година ни беше одлично, во втора веќе почнаа проблемите и во трета еве се соочуваме со нови ситуации и се бориме за подобра настава и подобар кадар“ велат улениците.
– Таа промена се случува секое полугодие, со што се отежнува нашата подготовка за натпревари што ни е најважна во овој период. Се губи време со тоа што треба да се запознаваме со новите професори одново и одново. Во трета година 80 отсто од предметите ни се стручни. На местото на старите професорите доаѓаат други со послаби квалификации за работа во оваа гимназија. Разговаравме со директорката, но не добивме никаков одговор дека нешто ќе се смени – велат тие.

Сподели