Најчитани текстови на Умно.мк во 2024 година

Ви благодариме што нè следевте и поддржувавте во 2024 година, за донациите со кои го продолжувате животот на Умно.мк. Им благодариме на сите партнери и соработници. Бидете здрави, живи и среќни

Текстови поврзани со наука се најчитаните содржини на Умно.мк во 2024 година. Покрај стотиците теми, интервјуа и информации од областа на културата, образованието и науката, со големо задоволство констатиравме дека содржини од разни области на науката го задржале вашето најголемо внимание. Тоа не значи дека другите области помалку ни значат или сме ги запоставиле. Напротив, денес уште повеќе веруваме дека образованието, културата и науката се најздравите темели ан кои треба да се гради едно општество. Ви благодариме што нè следевте и поддржувавте во 2024 година, што дониравте и го продолживте животот на Умно.мк. Им благодариме на сите партнери и соработници. Бидете здрави, живи и среќни.

Ова се најчитаните 10 текста на Умно.мк во годинава што изминува:

1. ИМА 23 ГОДИНИ, ПРОСЕК 10.00 И ПАРАЛЕЛНО СТУДИРА ДВА ФАКУЛТЕТА

Тој има 23 години, паралелно студира два факултета, едниот веќе на втор циклус на студии, а вториот за да го разбере повеќе првиот. Дејан Радуловски од Битола отсекогаш знаел дека историјата е науката на која ќе ù го посвети животот. Дипломирал со просек 10.00 на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје. Неговиот научен интерес е нововековната историја и веќе е запишан на вториот циклус на студии. Паралелно запишал и Правен фалултет на прв циклус на студии кој очекува да му помогне да ја разбере историјата од еден друг агол. Ова се приказните на успешните студенти. ЛИНК

2. МАКЕДОНСКИ АРХЕОЛОГ СО ТИМОТ ЗА ПРВПАТ ВО СВЕТОТ ОДРЕДИ ТОЧНА ГОДИНА НА ЛОКАЛИТЕТ ОД НЕОЛИТОТ

Нова методологија за досега најпрецизно датирање на археолошки локалитет, стар повеќе од 7000 години објавија научници во престижното списание Nature.com. Тимот е предводен од македонскиот научник Андреј Мачковски, доктор на науки по археологија и дендрохронологија, истражувач на Универзитетот во Берн, Швајцарија. Во трудот насловен Absolute dating of the European Neolithic using the 5.259 BC rapid 14C excursion, презентирани се резултатите од ископувањата на локалитетот Диспилио на Костурско Езеро, во Северна Грција.
– Ова е прв пат во светот да се користи ваква комбинација на дендрохронологија и радиокарбон датирање на толку стар локалитет – вели Мачковски, прв автор на трудот и предводник на истражувањето. ЛИНК

3. ПИСМО ДО ВЛАДАТА: МОЖЕ(В)ТЕ ДА БИДЕТЕ ХЕРОИ

Златните медали на младите таленти Дамјан Давков на Светската олимпијада по математика и на Јан Стојановски на Европската олимпијада по физика уште еднаш потврди колкав е научниот капацитет на подмладокот на Македонија. За жал, потврди и колку ниту една власт мува не ја лази за овие талентирани ученици. Вклучувајќи ја и актуелнава. Особено актуелнава.
2024 година испадна најтешка за талантираните ученици во Македонија и нивните семејства. Кој се надеваше дека со смената на власта ќе се трансформираат повеќе институции па ќе секне и скромната помош што ја добиваа од Агенцијата за млади и спорт. Министерството за образование и наука ги акредитира научните здруженија да ги подготвуваат учениците за светските натпревари, им овозможува парични награди на учениците ако освојат медали, ама нема решение како тие ќе стигнат со далечните земји за да освојат медали. Едноставно, Законот за средно образоваие не ја предвидува оваа ставка и непрофитните здруженија секоја година мака мачат да обезбедат пари за авиобилети. Па од универзитетски професори преку ноќ стануваат питачи, тропаат од врата до врата и бараат донации. ЛИНК

4. НАУКАТА ПРЕДВИДУВА: ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ЦЕЛОСНО ЌЕ ПРЕСУШИ ДО КРАЈОТ НА 21 ВЕК

„Катастрофалната загуба на вода на древното Преспанско Езеро: Хроника на претскажана смрт“ е насловот на научниот труд кој во понеделникот беше објавен во престижното научно списание „Хидрологија“ (Hydrology). Автори на трудот се професорите д-р Дејан Трајковски од Факултетот за технички науки при Универзитет „Св. Климент Охридски“ од Битола и д-р Надежда Апостолова од Катедра за фармакологија при Универзитет во Валенсија, Шпанија во соработка со Граѓанска иницијатива „Охрид СОС“.

– Ги анализиравме историските записи и сегашниот тренд на намалување на водостојот на Преспанското Езеро и разговаравме за факторите кои придонеле или би можеле да придонесат за оваа состојба. Обезбедивме и идна проекција за водостојот, според кои Преспанското Езеро целосно ќе се исуши до крајот на 21 век – пишува во заклучокот на трудот.

5. „ЈА ОМАЛОВАЖИВТЕ И АРХЕОЛОГИЈАТА И ДРЖАВАТА“: РЕАКЦИЈА НА МАКЕДОНСКОТО АРХЕОЛОШКО ДРУШТВО

„Сите модерни држави во суштина се мултиетнички, но се користат термини: грчка археологија, бугарска археологија, албанска археологија, британска археологија, германска археологија итн., за да се презентираат откритијата и достигнувањата на оваа наука во рамки на државата, ама никаде никој не се обидел да ја,етницизира‘ археологијата, а со тоа да ја омаловажи и археологијата и државата, како што Вие тоа го направивте“, се вели во писмото на Македонското археолошко друштво (МАД) по повод гостувањето на министерот за култура и туризам Зоран Љутков во емисија на телевизијата „Алсат“, во кое новинарката го напаѓа за користењето на терминот „македонска археологија“. ЛИНК

6. АРХЕОЛОЗИТЕ ОТКРИЈА КОЕ ЖИВОТНО БИЛО НАЈДОБАР ПРИЈАТЕЛ НА ЧОВЕКОТ ПРЕД КУЧЕТО

Археолозите открија животно кое било најдобар пријател на човекот пред верното куче. Изумрен вид лисица во Аргентина веројатно многу одамна ја имала оваа улога делејќи „цврста врска“ со луѓето, велат податоците од истражувањето, пренесува британскиот „Индепендент“.

Анализата на 1.500 години стари скелетни остатоци во гробница во јужноамериканската област Патагонија укажува дека Dusickion avus познат и како волк од Фолкландските Острови бил верен придружник на ловците-собирачи кои живееле пред десетина илјади години. ЛИНК

7. НАУКА: КАКО АРХЕОЛОШКИОТ ЛОКАЛИТЕТ ВЛАХО ВО ПЕЛАГОНИЈА ЈА ВОЗБУДИ ЈАВНОСТА ВО СРБИЈА

Археолошкиот локалитет Влахо кај селото Живојно во Пелагонија, едно од наоѓалиштата каде што научниците докажаа дека најрано се појавиле неолитските населби во Европа, деновиве стана интересен за социјалните мрежи во Србија. Научниот труд на Гоце Наумов и Агате Рајнгрубер, верифициран и објавен во реномираното светско археолошко списание „Documenta Praehistoric“, отвори полемика откако информацијата ја пренесе српскиот специјализиран портал sveoarheologiji.com. Повеќемина читатели ја нападнаа сопственичката на порталот, научната новинарка Маја Миљевиќ-Ѓајиќ, и самата магистер по археологија, дека со објавување на информацијата, ја понижува српската култура, алудирајќи на тоа дека населбата Лепенски Вир на Дунав е најстарата откриена европска култура. Полемиката отвори низа интересни прашања. Како науката да се избори за своето место и зошто широките народни маси одбираат повеќе да веруваат на тоа што не е потврдено со факти. Особено кога е поттикната од национални и етноцентрични побуди? ЛИНК

8. ЕРАЗМУС-ПРОЕКТ ОДВЕДЕ ДЕСЕТМИНА УЧЕНИЦИ НА САБА ВО ШВЕДСКА – НЕПРОЦЕНЛИВО ИСКУСТВО ШТО САКААТ ДА ГО ПРИМЕНАТ И ДОМА

Десетмина ученици од Приватното средно училиште САБА од Скопје во март имаа можност да присуствуваат на двонеделна пракса во неколку компании во Малме, Шведска. Оваа бесценета можност се случи благодарение на Еразмус проект EU Mobility Sverige, а не е прв пат за учениците од ова училиште да посетат некоја европска држава и да се вратат побогати со нови искуства и практични знаења. Досега заминувале во Германија, Италија, Шпанија, Португалија.

– Со оглед на тоа што Шведска е една од најразвиените држави во Европа со многу успешни компании, стартапи, но и многу можности за младите, сметавме дека учениците ќе имаат можност да научат многу доколку одат на пракса во некоја од тие компании во Малме – вели Ангела Неновска-Крстевска, координатор на САБА. ЛИНК

9. ЏАМБАЗОВ, МИХАЈЛОВСКИ, РИСТАНОВСКИ, ВЕЛИНОВ, ЈОЛЕВСКИ, КОЦЕВ… ДРИМ ТИМ ВО НОВА ПРЕТСТАВА НА МНТ

Тони Михајловски, Никола Ристановски, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Владо Јовановски, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сенко Велинов, Ѓорѓи Јолевски, Александар Микиќ, Гораст Цветковски и Благој Веселинов ќе играат во новата претстава на Македонскиот народен театар со наслов „12“. Овој актерски дрим-тим започна да ја работи претставата завчера на матичната сцена во режија на Синиша Евтимов. Претставата е според мотивите на „12 Angry Men“ од Реџиналд Роуз. ЛИНК

10. ДАМЈАН ДАВКОВ, МАКЕДОНСКОТО ЧУДО ОД ДЕТЕ, ДОБИ ПОДДРШКА ОД КОМПАНИЈАТА COSMIC DEVELOPMENT

Најмладиот олимписки медалист по математика во Европа доби финансиска поддршка од Cosmic Development, што ќе му овозможи да ги оствари своите амбициозни планови. Тој викендов патува за Бат, Велика Британија, каде што ќе биде дел од тимот што ќе ја претставува Македонија на Меѓународната олимпијада по математика. Оваа поддршка ќе му овозможи на Дамјан да додаде повеќе медали во неговата импресивна колекција. ЛИНК

Сподели