Наградуваната збирка „Бабанија“ на Мирослав Кирин на македонски

Поетската збирка во проза на хрватскиот поет и прозаист Мирослав Кирин „Бабанија“ деновиве излезе од печат во издание на „Перун“ од Битола. Оваа книга е добитничка на престижната хрватска награда за поезија „Фран Галовиќ.“ Исклучително интересна поетска форма која задирајќи и во прозниот книжевен род ни открива многу интересни теми и развива приказни со еден многу чиден поетски амалгам. Делото го преведе Сашо Огненовски.

„Мирослав Кирин со својата „Бабанија“ нè води во судбинско патешествие во кое зборовната констелација е само пат со многу непознати, за текстот што ќе го склопиме во својата глава како толковно ткиво да стане метаболитички поблизок со нас самите.

Петриња со целата своја сеизмичка трагедија и Бабанија со целата своја убавина која во ова дело има вкус на имагинарна земја ни донесуваат во исто време и раскази и песни, и ликови и сеништа, и стихови и пасуси, но и драма во која светот како комплексно место за живеење во целото ова прекрасно дело се претворил во микрокосмос без почеток и крај.“
Мирослав Кирин е автор со десетина поетски збирки и еден роман, писател чија особеност е поигрување со стиловите и жанровите. Преведувач е од англиски јазик, а пишувал и есеи и сценарија. Живее во Загреб каде што работи како гимназиски професор.

Сподели