Книгата „Пчелно семејство“ од Ања Мугерли е објавена неодамна во издание на „Антолог“ од Скопје, како дел од проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“. Книгата „Пчелно семејство“ што ја преведе Давор Стојановски, е збирка од седум раскази. Секој расказ застапува одреден обред или обичај од словенечката традиција, кои во делото на Мугерли се вметнати во поинаков контекст или во современи рамки, така што добиваат нова улога и добиваат нова смисла.
Централна тема на секој расказ е семејството: било да е неостварено („Јаболкарка“), обединето и потоа раздвоено („Пламени јазици“) или некое што во нормални услови би можело да стане вистинско („Пчелно семејство“). Сите раскази, освен еден, се случуваат во сегашноста, но поради ритуалите и атмосферата се чинат безвременски. Авторката со јазична виртуозност нè внесува во свет што не го познаваме, иако живееме во него. Во 2021 година „Пчелно семејство“ ја добил престижната „Награда за литература на Европската Унија“.
Ања Мугерли (1984) е словенечка писателка. Дипломирала словенистика, а магистрирала креативно пишување. Нејзиното книжевно првенче, книгата „Зелената фотелја“ е објавена во 2015 година и е номинирана за најдобра дебитантска книга на саемот за книга во Словенија, истата година. Во 2017 го објавува и првиот роман насловен „Сповин“ кој бил номиниран и за Роман на годината во Словенија. Стилот на пишување ѝ е суптилен, со огромни психолошки анализи на протагонистите.
Кратките раскази ѝ се преведени на хрватски, српски, македонски, англиски, германски, француски,
унгарски и литвански јазик. Во 2019 беа продадени филмските права за нејзиниот прв роман и беше прикажан на фестивалот „2019 First Novel Festival“ во Кил, Германија. Пишува и драми, а две добиле награди на меѓународни натпревари во Италија. Моментално живее во Нова Горица, на границата помеѓу Словенија и Италија. Течно зборува англиски, шпански и италијански јазик.
Давор Стојановски (1987, Скопје): писател, поет, преведувач и музичар. Тој е магистер по македонска книжевност. Работел како копирајтер и уредник. Од словенечки јазик превел неколку дела, меѓу кои: „Мачорот Мури“ од Каетан Кович, „Смоква“ од Горан Војновиќ, „Џојсовиот ученик“ од Драго Јанчар итн.
Неговиот втор роман „Собирачи на пепел“ ја освои наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за 2016.
Третиот роман „Утеха за голите“ беше номиниран за Наградата за книжевност на Европската Унија за 2020. Застапен е во повеќе домашни и странски антологии и книжевни списанија. Поранешен член на бендот
Foolish Green. Живее во двојазичната (германско-словенечка) област Кернтен/Корошка во Австрија.