Наградата „Константин Философ“ за двотомниот речник „Македонска научна и стручна терминологија – филозофија“

Двотомниот речник „Македонска научна и стручна терминологија – филозофија“ ја доби наградата „Константин Философ“ за филозофска книга на годината што ја доделува Филозофското друштво на Македонија. Речникот е објавен во рамките на Макропроектот на МАНУ – „Македонска научна и стручна терминологија“, чијшто главен уредник е академик Витомир Митевски.

Физлозфското друштво ги востанови наградите „Константин Философ“ во три категории: за животно дело, за филозофска книга на годината и за млад филозофски истражувач. Конкурсот беше распишан лани на 24 март, а номинациите за категоријата филозофска книга на годината траеја до 15 јануари. Комисијата за доделување на наградата ја сочинуваа: проф. д-р Мирко Ѓошевски (претседател), проф. д-р Денко Скаловски и проф. д-р Сузана Симоновска (членови).

„Се работи за капитално научно и филозофско остварување, со висок степен на оригиналност за дела од ваков вид, со оправдано очекување за огромно влијание и особено значење за проучувањето, развојот и филозофското творештво во македонското говорно подрачје. Доволно сведоштво за оригиналноста е податокот дека од над 1000 термини 950 се изложени со значителна текстуална експликативна обработка. Влијанието на книгата врз проучувањето на историјата на филозофијата, нејзините современи текови, како и врз развојот и творечката дејност во сите филозофски дисциплини и подрачја е несомнено и очекувано поради долгото чувствување на потребата за стандардизација на македонската филозофска терминологија. Книгата е од големо значење за афирмацијата и развојот на македонскиот јазик што ѝ дава општа културна вредност и целосна општествена оправданост…“, пишува Комисијата во своето образложение.

Минатата година, во рамките на 20. одбележување на Светскиот ден на филозофијата (16 Ноември) наградата „Константин Философ“ за животно дело му беше доделена на академик Ферид Мухиќ. Како дел од истиот циклус наградата „Константин Философ“ за Филозофска книга на годината за 2023 година, ќе биде доделена на специјален настан поврзан со одбележувањето на Денот на Филозофското друштво на Македонија, на 11 март годинава, на Филозофскиот факултет во Скопје.

Сподели