Наградата „Драги“ за преведувачите Анастасија Ѓурчинова и Бенјамин Лангер

Германскиот професор и преведувач Бенјамин Лангер е добитник на годинашната интернационална награда „Драги“ за преводот на романот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Романот на германски јазик го објави издавачката куќа „Гуголц“ од Берлин

Анастасија Ѓурчинова ја доби наградата за најдобар книжевен превод „Драги“, за преводот оа италијански на македонски јазик на „Интимен живот“ од Николо Аманити, издание на „Антолог“. Германскиот професор и преведувач Бенјамин Лангер е добитник на годинашната интернационална награда „Драги“ за преводот на романот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Романот на германски јазик го објави издавачката куќа „Гуголц“ од Берлин.

Одлуката за Ѓурчинова ја донесе комисијата составена од проф. д-р Зорица Николовска, претставник од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, Јана Михајловска, член од семејството на Драги Михајловски и Владимир Јанковски, претставник одбран од „Антолог“. Во конкуренција беа петмина финалисти, покрај Анастасија Ѓурчинова се најдоа и Ѓоко Здравески за преводот од хрватски јазик на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, издание на „Бегемот“, Екатерина Бабамова за преводот од англиски јазик на „Градот на победата“ од Салман Ружди, издание на „Артконект“, Елисавета Поповска за преводот од француски јазик на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, издание на „Илика“ и Ирена Јурчева за преводот од англиски јазик на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, изднаие на „Паблишер“.

Анастасија Ѓурчинова

Во образложението на комисијата пишува:

„Станува збор за превод кој на мошне суптилен начин ги задржува стилските карактеристики на книжевниот дискурс на Николо Аманити, умешно вклопувајќи ги во стилските, лексичките и синтаксичките можности на македонскиот јазик. Преводот на Ѓурчинова се карактеризира со прецизност и верност кон оригиналниот текст, со огромна почит кон стилот на авторот. Таа вешто ги пренесува културните и јазични нијанси, одржувајќи ја специфичната динамика и литерарниот тон на делото. Онака како што Аманити мајсторски го користи јазикот во своите дела, така и Ѓурчинова тоа мајсторство го транспонира во нејзиниот превод. Текстот е јасен и се чита природно, динамично, без јазични пречки. Вешто пренесувајќи ги емоциите и атмосферата, преводот му овозможува на читателот да доживее искуство слично на она што го нуди оригиналот. Како последица на тоа, преводот на,Интимен живот‘ предизвикува и големо читателско задоволство.“

Наградата „Драги“ е воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022) – писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Целта на наградата е да ја стимулира преведувачката дејност и да го подигне квалитетот на преведените дела во македонската култура.

Бенјамин Лангер

Според комисијата, преведувањето на „Пиреј“ на кој било странски јазик претставува исклучително голем преведувачки предизвик, со кој се соочил и овогодинешниот добитник на интернационалната награда „Драги“, Бенјамин Лангер.

„Очигледно е дека за овој голем преведувачки проект тој не само што поседува одлични и изнијансирани познавања на македонскиот јазик, туку и дека темелно ги проучил историскиот и книжевниот контекст, јазичните специфи на руралниот, архаичен живописен македонски говор, а за културолошки конотираните македонските лексеми понудил креативни германски еквиваленти. Би сакале да напоменеме и дека внимателниот читател на овој германски превод на Лангер може да го наслушне тоа што во поновите транслатолошки студии се нарекува,глас на транслаторот‘, кој во овој случај, маестрално посредува и ги премостува јазичните и културолошките бариери помеѓу двете култури: германската и македонската“, пишува во образложението на жирито.

Лангер е голем познавач на македонските јазик и литература. Студирал германистика и историја на уметност во Бамберг и Будимпешта, а од 2005 до 2009 предавал на Катедрата за германски јазик и литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Преку преведувачката работа ја приближил македонската книжевност до германската читателска публика, што ги вклучува делата на Гоце Смилевски, Бранко Цветкоски, Дејан Трајкоски, Румена Бужаровска, Влада Урошевиќ и Петре М. Андреевски.

Сподели