На театарскиот фестивал „Сцена на крстопат“, младата актерка Јована Миладинова ја доби наградата за високо уметничко остварување за улогата на Изабел де Валоа во претставата „Едвард Втори“, копродукција на Театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ и Драмскиот театар „Н. О. Масалитинов” од Пловдив.
Станува збор за претставата во режија на Андриј Жолдак, што ја имаше својата премиера на последното Охридско лето.
Во претставата, покрај Миладинова, играат: Борис Крстев и Илин Јовановски, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Бранко Михајлоски, Кире Ацевски, Никола Петковиќ, Сандра Танчева, Марија Баркова, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски и Тодор Стојковски. Сценографијата е на Андриј Жолдак и Даниел Жолдак, а костимите се на Симон Мачабели и Раде Василев. Ова е трета соработка на Жолдак со македонски актери, по постановките на „Електра“ и „Соларис“ во МНТ.





