Награда за најдобра музика за Албин Сопа на театарскиот проект во режија на Сибел Абдиу во Истанбул

Композиторот од Скопје, Албин Сопа, ја доби наградата „Устун Акмен“ – театарски награди што се доделуваат во Истанбул. Сопа ја доби наградата за претставата „Цезар“ што во Истанбул ја режираше македонската режисерка Сибел Абдиу.

Во конкуренција за оваа награда беше и Кенан Догулу, кој е мегаѕвезда во Турција. По долга дискусија, жирито одлучило наградата да ја даде на обајцата. Да се дели награда со таква голема ѕвезда како што е Догулу, е навистина голем успех.

– „Цезар“ од Шекспир беше проект кој го режирав во септември оваа година во Истанбул во приватниот театар КАТС кој се наоѓа во центарот на Истанбул. Се работи за еспериментална камерна интерпретација на „Јулиј Цезар“ од Шекспир со примеси на физички театар. Имав прилика да работам со извонредна екипа, високо професионални актери кои точно си ја разбраа задачата и целосно се посветија на проектот. Претставата е на редовниот репертоар на КАТС и игра по два пати неделно, а од јануари се планира да гостува по фестивали во државата и надвор од неа – рече Абдиу во интервју за Умно.мк.

Сподели