Награда за македонскиот танчер и кореограф Бојан Мицев во Германија

Македонскиот танчер и кореограф Бојан Мицев ја освои втората награда од публиката во Оснабрук, Германија за неговата нова кореографија “Limitless” во тамките на вечерта за млади кореографи. Станува збор за програма каде кореографите ги создаваат и презентираат своите дела во склоп на репертоарната програма на Театар Оснабрук со вкупно 5 претстави, а публиката при секоја претстава гласа која кореографија најмногу им се допаѓа. Годинава беа презентирани седум кореографии со меѓународна конкуренција и тоа од Јужна Кореја, Италија, Јапонија и Унгарија.

Во креативниот тим на “Limitless” беа вклучени повеќе уметници. За музиката беше задолжен рускиот композитор и долгогодишен инженер на звук во престижниот Мариински Театар во Санкт Петербург – Вадим Микхаилов, кој создаде оригинална музика за делото. Драматуршката подлошка ја работеше Брита Хорват од Германија, драматург и менаџер на танц компанијата при Театар Оснабрук а танчерскиот состав го сочинуваат Џон Огара од Велс, Џонгмин Ким од Јужна Кореја, Луиџи Императо и Киара Сорентино од Италија. Кореографијата, костимите и светлото беа скроени од Бојан Мицев.

Бојан Мицев / Фото: Михаел Ернст

Во кратки црти делото “Limitless” ги истражува сопствените граници и предизвици и начини како да се справат со нив. Метафорички претставени преку врата на сцена која танчерите движејќи ја низ различни позиции низ просторот, наоѓаат начин да преминат од другата страна и да ги надминат своите препреки.

Процесот на креација траеше еден месец, а делото доживеа премиера на 18 мај годинава. Ова е трета година по ред каде награда доаѓа во рацете на Бојан, по добиените први награди во минатите изданија во 2022 и 2023 година. Претставата оваа година е поддржана од македонското Министерство за култура.

Насловна фотографија: Оливер Лок

Сподели