Над 40 лингвисти од четири континенти денеска ја завршуваат Зимската школа

Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), која е во чест на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов ќе заврши денеска. Затворањето официјално ќе биде напладне на платформата „Зум“.

На Школата учествуваат над 40 учесници од четири континенти: Европа, Америка, Азија и Австралија. Со Третата зимска школа, во понеделникот започна и спроведувањето и на националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, по повод 100 години од раѓањето на великанот.

Пред учесниците ќе се обратат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката на Семинарот, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. На настанот е предвидено да бидат претставени и учесниците на Школата и да се обратат дел од нив.

Школата започна со интензивна работа во понеделникот, со вкупен фонд од по 30 часа за сите групи според степенот на познавање на македонскиот јазик и интересот искажан од учесниците при пријавување на учеството – основно, средно и напреднато рамниште. Наставата за семинаристите од напреднатото рамниште, во целост е посветена на поезијата на Ацо Шопов.

Покрај веќе познати имиња од славистичкиот свет – посветеници на македонистиката, меѓу кои се и универзитетски професори, истражувачи, како и веќе познати книжевни преведувачи, на Третата зимска школа на Семинарот учествуваат и понови кадри од повеќе странски држави.

Сподели