Со концерт во големата хала на најстариот и најреномирен универзитет ЕЛТЕ (Eötvös Loránd University) во Будимпешта, вечерва во 19 часот, Националниот џез оркестар од вечерва ја започнува својата европска турнеја. Концертот таму претставува можност за промоција на македонската музика пред интелектуална и интернационална публика. Националниот џез оркестар ќе го предводи диригентот Владимир Николов, а македонските џезери ќе се претстават со програма од македонски автори, насловени „Македонски сновиденија“. Macedonian Dreams е уникатна фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, вистинска музичка приказна која Националниот џез оркестар со гордост ја носи на европските сцени, претставувајќи ја македонската културна и музичка традиција во современ контекст.
– Оваа турнеја е важна, затоа што промовира нешто ново, истовремено базирано на нашата традиција. Најважниот дел во овој проект или приказна е како ние комуницираме со нашето минато. Претставуваме и аранжмани на фолклорни теми, но го правиме тоа на начин со кој што кажуваме нешто што сметаме дека е релевантно во денешниот џез и, воопшто, во музиката. Во Будимпешта настапуваме на Универзитетот за славистика, што е специјална прилика, во голема класична сала. Будимпешта има своја џез сцена, одлично место за промоција на овој проект – вели маестро Николов.

Владимир Николов
На концертот ќе бидат изведени композиции на Владимир Николов, на пијанистот Гордан Спасовски, како и нивни обработки на наши фолклорни теми. Џезерите ќе свират и аранжмани на Илија Пејовски – обработки на македонски фолклорни теми.
– Ова е историски момент за Националниот џез оркестар, посебно заради тоа што ќе се изведат дела од македонски автори, оригинални и фолклорни обработки. Најголемиот предизвик за еден уметник е кога својата умешност и знаење ќе има можност да го покаже пред публика надвор од границите на Македонија. Досега сме биле во Хрватска, Босна и Херцеговина, а оваа турнеја е најголем – вели Сашко Николовски, член на оркестарот.

После Будимпешта, ќе следуваат настапи и во Прага на 14 ноември (La Fabrika | 19:30 часот) и во Виена на 17 ноември (Club Porgy & Bess | 20:30 часот). La Fabrika е современ уметнички центар и една од најпознатите џез и театарски сцени во Чешка. Настапот таму ќе овозможи вмрежување со европската џез заедница и претставување на оркестарот пред публика навикната на автентични и експериментални музички форми. Club Porgy & Bess е меѓу најпознатите и најзначајните џез клубови во Европа, редовно домаќин на врвни имиња од светската сцена. Настапот во Виена е клучен момент на турнејата, бидејќи го позиционира Националниот џез оркестар рамо до рамо со светските џез ансамбли.

– Клубот „Порги и Бес“ во Виена е широко познат меѓу џез музичарите и престиж е да се настапува и со помал состав, а камоли со биг бенд. La Fabrika е познато место како центар за биг бенд музичари и сметам дека сите три града и локации се мудро избрани – истакна Николов.





