Националниот џез оркестар на мини турнеја низ Хрватска

Три концерти во Хрватска ќе одржи Националниот џез оркестар на кои ќе настапи заедно со Рамбо Амадеус. Мини турнејата почнува денеска со концерт што вечерва ќе биде одржан на „Тврдината на св. Миховил“ во Шибеник. Следува концертот на 28 јуни, во рамки на првото издание на фестивалот Island Vis Music Breeze, кој ќе се одржи од 28 до 30 јуни на полуостровот Прирово. Третиот концерт ќе се одржи на 1 јули во Хрватскиот народен театар во Сплит, една од најреномираните културни институции во регионот.

– Антоније Пушиќ, познат во јавноста како Рамбо Амадеус, е познат по остри и сатирични текстови и виртуозност на гитарата. Неговата музика е мешавина од спротивности, колаж кој вклучува фанк, рок, хип-хоп, класичен, модерен џез, импровизирана музика, комедија скечеви и електронска музика. Рамбо пред се е мајстор за раскажување приказни, како музички така и лирски, што секогаш доаѓа до израз во неговите настапи во живо. Неговите концерти никогаш не се само повторување на снимени песни, туку мешавина од слободна импровизација и сатиричен хумор – велат од Националниот џез оркестар.

Публиката во Хрватска ќе има можност да проследи дел од композициите на Рамбо Амадеус, изведени во аранжмани за биг бенд состав. Аранжманите изработени од страна на членовите на биг бендот ги претвараат овие композиции во вистински ремег дела.

Сподели