Националниот џез оркестар на фестивал во Тирана

Националниот џез оркестар од Македонија вечерва ќе настапи во „Блек бокс“ во Универзитетот за уметности во Тирана во рамките на 4. издание на фестивалот „Балкан џез шоукејс 2024“ што го организира Албанското џез здружение. Покрај Националниот џез оркестар и „Сетстат квинтет“ од Макеоднија ќе настапат и „Нишвил“ од Србија, „Сара Јововиќ трио“ од Црна Гора, „Џипсеонс трио“ од Грција, „Лео Ричардс трио“ од Германија и Alba Dajlani & AJS Quartet од Албанија. Покрај учесниците од Германија, овој настан ќе ги собере едни од најталентираните џез музичари од Балканот и претставува можност за културна размена и промоција на богатството на џез музиката во овој регион.

На „Балкан џез шоукејс 2024“ ќе се соберат и директори на фестивали од различни земји, а специјални гости се водечките луѓе од џез асоцијацијата на Кина.

– Оваа соработка обезбедува не само културна размена, туку и потенцијални проекти во рамките на програмите на Креативна Европа и Западен Балкан, како и промоција на балканската џез сцена на фестивали во кинеските градови како Пекинг, Шангај, Гуангжу и Ченгду – велат од Националниот џез оркестар.

Покрај музичките изведби, настанот ја вклучува и изложбата Drumsville – Evolution of the New Orleans Beat, како подарок од џез-музејот на Њу Орлеанс.

– Се очекува оваа манифестација да ги зајакне врските меѓу уметниците и фестивалите ширум Балканот, отворајќи нови хоризонти за идни соработки и размена на идеи – велат од Националниот џез оркестар.

Настапот во Тирана е прв од неколкуте настапи надвор од Македонија што ќе следат во наредниот период, преку кои оркестарот ќе се претстави пред публиката во неколку балкански земји.

Сподели