Национална конференција за активно граѓанство „КритикУМ“ ќе се одржи денеска во 11 часот во „Јавна соба“ во Скопје. Конференцијата претставува простор кој ги обединува граѓанските активисти, младите, луѓето загрижени за состојбите во државата, независните уметници, едукатори, но и воопшто граѓаните што имаат некаков порив за промена.
Конференција ќе биде отворена со перформансот „Ритамот на нашиот отпор“ – комбинација на музика, танц и социјално ангажиран текст. Триото составено од Бисера Ѓуровска, Никола Игновски и Ива Георгива ќе донесе неколку позначајни протестни говори од поновата историја во нашата држава низ движење, танц и читање на протестни говори.
Првиот тематски панел „Менување на локалните заедници преку грасрут активизам“ ќе отвори дискусија за вклученоста на локалните граѓански активистки во менувањето на своите заедници преку заедничарење, солидарност, вмрежување и меѓусебна поддршка.
Вториот панел „Ослободување на заробеното: Како граѓаните да си ги вратат јавните простори?“ ќе ги истражи начините на коишто активисти и граѓани дејствуваат кон ослободување на јавниот простор и давање на некаква друга, похумана и граѓанска димензија на простори коишто треба да им припаѓаат на граѓаните.
На конференцијата ќе биде промовиран и прирачникот за активно граѓанство што го издава Здружението за едукативен развој „Еквалис“. Авторка на прирачникот е м-р Сара Миленковска.
Повеќе информации на линкот.





