На Водно се снима „Касапско оро“: Никола Ристановски и Дарја Ризова, новинари во корумпирано општество

Одбивајќи да бидат замолчени од закани и мито, се соочуваат со опасна мрежа од политика, интриги, корупција и секс-скандали

Во општество полно со корупција, уредникот-ветеран Бодан и амбициозната млада новинарка Софија, независно еден од друг, откриваат скандалозно видео. Одбивајќи да бидат замолчени од закани и мито, се соочуваат со опасна мрежа од политика, интриги, корупција и секс-скандали. Филмот навлегува во темниот, груб свет на моќта и хипокризијата кои влијаат врз секој слој од општеството…

На падините на Средно Водно деновиве почна снимањето на филмот со работен наслов „Касапско оро“. Филмот ќе биде сниман на локации низ Скопје во овие три недели. Режијата е на Срѓан Јанаќиевиќ, а работен е по сценарио на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Директор на фотографија е Дејан Димески, а продукцијата е на Ново македонско видео, односно Њу Момент. Никола Ристановски и Дарја Ризова се носечките ликови на приказната, а клучни улоги имаат и Сашко Коцев и Оливер Митковски.

Според Кокаланов, ова е филм за лажниот морал, не само на политичарите или на новинарите, туку на целото општество. „Филмот не претендира да биде перцепција за македонското новинарство, туку е поширок контекст за една многу конкретна приказна. Ликовите не се пресликани реални личности, но се градени со многу ,позајмици’ од вистински ликови од нашето општествено и медиумско милје“.

Дуковски вели дека ова е приказна за фанатична храброст, преку големи лични жртви да се добие Донкихотовска борба против крајно корумпираниот и криминален режим на власт кој е спремен на сè за да ја задржи.

– Приказната што ја раскажуваме го потенцира фактот дека основата на сите демократски општества е во слободата на медиумите кои на тој начин се и контрола на власта во однос на јавното мислење. Ова подразбира медиуми кои не се купени и не работат за ничии интереси. Слободни новинари за кои вистината мора да биде единствен интерес – вели Дуковски.

Јанаќијевиќ филмот по жанр го дефинира како политички трилер и ќе биде визуелно впечатлив за да ја долови тензијата и борбата на главните ликови во потрага по правда и во корист на вистината и јавниот интерес.

– Додека тече професионалната и лична приказна на Бодан и Софија, интензивното дејство, кое се случува паралелно во само 24 часа, ќе ги внесе гледачите и во приватниот хаос на ликовите во потрага по правда, во морално амбивалентен свет – вели Јанаќијевиќ.

Извршниот продуцент Сашо Пешев вели дека очекува интерес во јавноста и меѓу љубителите на филмската уметност бидејќи во центарот на дејството ги има изложеноста и предизвиците на новинарската професија во транзициска држава каде што политиката, корупцијата и криминалот одат заедно.

Ристановски за својот лик Бодан вели дека нема голема теза, но употребува лични критериуми и се обидува да сочува одредени лични и професионални кодекси во секоја сцена, во секој нареден миг на таа моќ.

– Работите никогаш не се црно-бели и тоа е главниот постулат во сценариото. Ама така е и во животот. Секое наше дејство, секој акт, секоја постапка, ни се враќа како бумеранг. И затоа ни се потребни критериуми според кои ќе го изградиме ликот, кои се неопходни за дел по дел да го составуваме мозаикот – вели Ристановски.

Ризов вели дека е инспирирана од ликот на Софија и потрагата по нејзините мотиви, односно нејзината лична приказна, како и границата до која таа е подготвена да отиде. Според неа, во основа истражувачкото новинарство е последниот бедем на јавниот интерес против злоупотребите на моќните.

– Во држави со дисфункционален или корумпиран правен систем како нашиот, оваа професија е и една од најризичните. Освен тоа, истражувачките новинари не се никогаш доволно платени, земајќи ги предвид личните жртви и одрекувања – вели Ризова.

Последниот кадар на „Касапско оро“ е планиран за крајот на јуни, а во текот на летото ќе влезе во фаза на продукција и пост продукција. Наесен се очекува премиерата. Филмот е финансиран со минималниот буџет од Агенцијата за филм бидејќи е дебитантски долгометражен филм на Јанаќијевиќ.

Сподели