На Лондонскиот глобален универзитет се одржа курс по македонски јазик

Враќањето на македонскиот јазик на високообразовна институција во Британија е исклучително значаен чин – вели проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Британци се воодушевени од македонскиот јазик и го изучуваат на одделен курс на којшто подетаљно се пренесуваат знаења и за македонската литература и култура. Веќе три академски години по ред, на Школата за словенски и источноевропски студии на престижниот Лондонски глобален универзитет се одржува курс по македонски јазик, во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Деновиве успешно заврши летниот семестар на курсот, при што уште еднаш беше потврдена посветеноста на слушателите/студентите во изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, но и нивната определба да бидат афирматори на македонистиката во Обединетото Kралство.

Ваквите форми на настава по македонски јазик, каков што е курсот во Лондон, којшто се одржува во вечерни термини, овозможуваат дополнителна афирмација на македонистиката на реномирани образовни и научни центри во Европа и светот. Преку нив се овозможува и запознавање и соработка со нови поддржувачи на македонскиот јазик, литература и култура, коишто добиваат можност за напредни знаења. Од голема важност е што голем поддржувач на овој курс е и македонската амбасада во Обединетото Кралство, којашто придонесува за уште поголем поттик на слушателите – идни македонисти.

– Како Семинар изразуваме големо задоволство што по долги години откога престана да работи тамошниот лекторат по македонски јазик, во изминативе три академски години, македонскиот јазик повторно се изучува во Лондон, и тоа на престижниот Лондонски глобален универзитет. Во изминатиот период, настојувавме на секој можен начин да придонесеме за успешноста на курсот, вклучително и преку учебници, односно наставни помагала, но нема да запреме тука! МСМЈЛК при УКИМ ќе стори сè со што може за да оствари свој влог и во натамошниот квалитет на курсот и во поттикнувањето на слушателите за нивна натамошна посветеност на македонистиката, со надеж дека некои од нив, следните години ќе бидат учесници и на нашите летни и зимски школи, а оние коишто потемелито ќе се посветат и на научната дејност, и на Меѓународната научна конференција.“ – истакнува директорката семинарот, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа одделно ги посочува заложбите на професорката по македонски јазик којашто го држи овој курс и на нашата амбасадорка во Обединетото Кралство.

– Враќањето на македонскиот јазик на високообразовна институција во Британија е исклучително значаен чин. Затоа, од името на МСМЈЛК морам одделно да ги истакнам заложбите на професорката Ана Илиевска-Завршник, со чијашто заложба се случи македонскиот јазик да се изучува и во рамките на вечерните курсеви на Школата за словенски и источноевропски студии. Но и заложбите на нашата амбасадорка, Александра Миовска, којашто од самите почетоци, со цврста и конкретна поддршка, суштински застана зад овој курс по македонски јазик. Но и не само на почетоците, туку постојано давајќи поддршка и согласно со своите надлежности залагајќи се за успешноста на курсот и за потребите на слушателите. Искрено се надеваме и посакуваме ентузијазмот и поддршката да продолжат, а ние како МСМЈЛК ќе го испорачаме сето она што можеме за оваа успешна приказна на македонистиката – нагласува Мојсова-Чепишевска.

На последниот час од летниот семестар на курсот по македонски јазик, слушателите/студентите остварија средба со амбасадорката Миовска и новоименуваниот британски амбасадор во нашата земја, Метју Лосон, на којшто се разменуваа искуства од изучувањето на македонскиот јазик и совладувањето на неговите специфики. Изминативе години, амбасадорката остварува редовни средби со слушателите на курсот, како и со професорката Илиевска-Завршник.

Покрај редовната настава по македонски јазик, во чиишто рамки Британците се запознаваат и со македонската литература и култура, изминативе години, на Лондонскиот глобален универзитет, преку овој курс се одржаа и настани посветени на македонистиката, меѓу коишто се издвојува одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, коешто беше и еден од првите настани со коишто се одбележа големиот јубилеј.

Инаку, дел од фондот на библиотеката на Школата за словенски и источноевропски студии се бројни книги на македонски јазик, како и книги од македонски автори преведени на англиски јазик, коишто се постојано достапни и за слушателите на курсот по македонски јазик, но и за сите студенти на Школата. Во рамките на курсот по македонски јазик на оваа реномирана високообразовна установа се користат и учебниците по македонски јазик и учебникот за македонска литература и култура издадени од МСМЈЛК при УКИМ.

Курсот по македонски јазик во Лондон се остварува со поддршка и од Министерството за образование и наука.

Сподели