Кон „Јазик за двајца“: Јазикот за Бранислав Николов (Пијан Славеј) е клучен елемент, објект и субјект, негово лирско јас и глас
Пишува: Александра Јуруковска
Пијан Славеј е поет што пишува песни што се пеат и онакви што плачат да бидат испеани. И без разлика дали ќе бидат преведени на јазикот на музиката или ќе останат само на хартија, тоа се песни – жив копнеж и страст, љубовна сила што раѓа и убива светови, мерак што не згаснува, севда(х) што се храни од плотта, занес што сам себе си нарачува стрелачки вод.
И како и во своите настапи, во своите претходни книги и албуми, така и во песните од „Јазик за двајца“, тој многу умешно се доближува до уметноста на трубадурите, до нивната говорна, поетска и музичка фикција, за во следниот миг силно да потсети на уште поблиската ни традиција – севдалинката. Тоа е севдахот – тој љубопев, таа опеана љубовна издишка, тој избор „љубов или смрт/ смрт или љубов/“ (како во песната „На ѕидот“).
Има тука и по некое танго, и по некоја милонга, и шлагер, но и силно поврзување со македонската народна лирика и преку јазикот и преку мотивите. Јазикот за Бранислав Николов (Пијан Славеј) е клучен елемент, објект и субјект, негово лирско јас и глас. Тоа е жив македонски јазик, со ритам и рима што поетот/пејечот ги чувствува и со срце и под кожа, со звучност и мелодичност на кои им калеми дијалекти и архаизми (арач, ѕенѕар, налет) со леснотоија и за читање и за пеење.
Ги калеми тој и мотивите („Калемење“ е песна од неговата книга „Полиграф“): вода, очи, збор, песна, сон, уста, јазик, опул. Ги калеми толку лирски, толку посветено за да рече, извика, од гради да викне стих на јазик за двајца (како насловната песна), со речник од само едно име како градиво за куќата на љубовта, оти тој не само што пее туку и верува дека: на крајот на светот сал Зборот ќе биде.
ЈАЗИК ЗА ДВАЈЦА
и пред да се вљубам
со првите два-три разменети збора ќе зачнам нов јазик
силен ќе го родам
таков ќе го раснам
срамежлив и невешт
јазик за двајца
на почеток девствен
и тогаш ќе потечат тивките думи
на зборливи усти ќе прилепам усни со леплив бакнеж на меки лабијали секој нов изгрев со Б ќе се пали
во нашиот јазик, јазикот за двајца
ќе снема веќе мисли што вредат да се кажат ниту меѓу мртвите, ниту меѓу живите
ниту кај поетите, ниту пак во книгите
така без зборови ќе фатиме песна
и во таа песна ќе осамне име неразбирлив звук, туѓинец за сите просто ќе се чудат – што пееме ние?!
во нашиот јазик, јазикот за двајца ќе постои речник со само едно име таму на почеток ќе нема баш ништо
на крајот на светот сал Зборот ќе биде