„Џулијард“ е место каде што учат исклучително талентирани студенти, така што натпреварот е многу силен не само со останатите туку и самиот со себе, вели Александар Иванов, еден од нашите најдобри виолинисти

Младиот виолинист Александар Иванов деновиве ја почна последната академска година од студиите на „Џулијард“ во Њујорк, една од најпрестижните музички школи во светот. Како единствен Македонец кој го доби највисокиот износ на стипендија што го доделува „Џулијард“, Иванов замина во Њујорк во 2019 година, откако Владата го дополни правилникот за поддршка на студенти кои добиле стипендија на врвни светски универзитети. Дотогаш беа поддржувани само студенти што се запишале на некој од првите 100 универзитети на Шангајската листа, а врвните школи од областа на уметностите не се рангираат според оваа листа. Според правилата, највисоката поддршка од „Џулијард“ е 75 отсто од вкупната сума, а остатиот буџет го дополнува студентот, односно државата од која доаѓа. Со Иванов разговараме за студиите, за можностите што ги нуди Високата школа, за шансата да се работи со најдобрите во светот, за неговите идни планови.

Александар Иванов / Фото: Маја Аргакијева

Како течат студиите, со кои професори работевте на „Џулијард“ во изминатите години и денес?

– Ја почнав последната година од додипломските студии, како што велат во САД – Senior Year. Во текот на моето образование бев под редовно менторство во класата на Лори Смаклер, но ја имав честа да се надградам со знаење и од професорите Џозеф Лин, Дерет Адкинс, Луис Каплан, Масао Кавасаки и Арета Жула. Покрај врвните инструменталисти добив шанса да свирам во оркестарот на „Џулијард“ под водство на маестро Густаво Дудамел.

Заминавте во еден специфичен период, веќе во вториот семестар се случи пандемијата. Како се одвиваа студиите во тој период? Останавте во Њујорк или се вративте во Скопје?

– Да, токму така. Веќе бев семестар и половина на „Џулијард“ кога се случи пандемијата. Се вратив во Скопје бидејќи факултетот ги затвори вратите и наставата продолжи да се одвива од далечина, секој од својот дом. Сите часови вклучително и по виолина беа онлајн. Сите се најдовме буквално заглавени во таа природна катастрофа. Јавните часови, концертите исто така се одвиваа онлајн. Испитите исто така. Повеќе пати требаше да свирам во ноќните часови заради временската разлика.

Настап со Филхармонија во Скопје

Состојбите се веќе нормализирани. Опишете ни еден вообичаен судентски ден на „Џулијард“, настава наспроти вежби, соработка и дружења со колеги, таленти од цел свет…

– „Џулијард“ како образовна институција ја става безбедноста и здравјето на прво место, така што носење маски и неделен пцр тест се задолжителни. Тоа овозможува групната и индивидуална настава да се одржува во школо. Школски ден на „Џулијард“ за мене започнува со 2 часа вежбање виолина од 9 до 11 часот, потоа одам групна настава теорија на музика, историја на музика во попладневните часови имам индивидуален час со мојата професорка по виолина Лори Смуклер. Секој четврток во 18 часот имаме така наречен „студио час“ каде што сите студенти мојата класа свират одредено дело, а останатите што слушаат даваат коментари. Обично во вечерните часови гледам да довршам со вежбање виолина уште два часа и да ги завршам сите домашни задачи. Во текот на неделата сите студенти сме многу зафатени за дружба, но за социјализирање секогаш одвојувам време за викенд. Предноста да се учи во институција како „Џулијард“ е во тоа што сите студенти го посветуваат нивниот живот на класичната музика, така што колку што учам од моите професори исто толку учам од моите сооученици.

Заминавте како стипендист на Школата, со највисока одобрена стипендија. Во Македонија пак бевте еден од најнадежните млади виолинисти. Кои се за Вас најголемите придобивки од студирањето на „Џулијард“?

– И покрај тоа што добив висока стипендија од „Џулијард“ немаше да можам да заминам доколку МОН не ми го покриеше остатокот. Јас сум многу благодарен за тоа. „Џулијард“ е место каде што учат исклучително талентирани студенти, така што натпреварот е многу силен не само со останатите туку и самиот со себе. Секогаш се стремам да бидам подобар, да ја достигнам најдобрата верзија од себе. Учам од најдобрите професори, настапувам со најдобрите диригенти. Тука нема прошка ако не сте на нивото кое се бара од вас.

Високата школа „Џулијард“ / Фото: Википедија

Сите што стигнале до „Џулијард“ се веќе големи таленти. Што е пресудно за да се стане светска ѕвезда во светот на класичната музика?

– Да, сите што стигнале до тука се големи таленти со оглед на аудициите и елиминациите преку кои нè избираат многучлени комисии. Понатаму главен предуслов за напредувањето е работата, посветеноста и љубовта кон она што го правите. Искрено, не сум размислувал на темата „светска ѕвезда“ и неблагодарно е да кажувам од оваа гледна точка. Можеби некој од вас треба да ја препознае онаа минорна нишка по која се разликувам од другите. Тоа значи дека треба да се најдам на вистинското место во вистинско време.

Каде настапувавте во изминативе години, издвојте ни неколку настапи што Ви оставиле најголем впечаток и зошто?

– Летово настапив во Аспен – на еден од најголемите светски музички фестивали кој траеше од 21 јуни до 22 август. Сега сум повторно во Њујорк на почетокот на последната студиска година. Во Аспен по пат на аудиции бев избран да учествувам со стипендијата – Wall Family Foundation. Без финансиската помошта на фамилијата Wall, која го покри мојот престој и школарината на фестивалот, не би можел да сонувам да сум дел од најстариот фестивал за класична музика во САД. Овој фестивал е незаборавно искуство бидејќи таму се сретнав со целата светска музичка елита. Имав настапи со повеќе оркестри и познати диригенти. По препорака од професорите по виолина на фестивалот свирев на престижниот String Showcase Concert којшто е основан од страна на еден од најпознатите професори по виолина во светот, Роберт Липсет.

Што по „Џулијард“? Каде се гледате себеси за десетина години?

– За еден млад инструменталец најважното нешто е континуирано свирење под нечие менторство. „Џулијард“ дава огромно знаење, вештина, диплома, но и покрај тоа јас мора да го продолжам усовршувањето. Оваа година ќе се подготвувам за аплицирање на мастер студии. За 10 години? Оркестарскиот звук ми е предизвик и она кон што ќе се стремам е да бидам дел, по можност концерт мајстор на некој од добрите оркестри во светот.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.