На 96 години почина Коста Балабанов, човекот што евидентирал 18.000 икони од Македонија

Почина д-р Коста Балабанов, историчар на уметноста, автор на повеќе од 200 стручни и научни трудови посветени главно на средновековната уметност, филмски и телевизиски сценарист. Имаше 96 години.

Коста Лазаров Балабанов е роден на 5 април 1929 година во Штип, каде го завршил основното и средното образование. Во 1948 година се вработува во претпријатието за автотранспорт и шпедиција, а потоа работи како сценограф во Народниот театар во Штип. Во 1950 година се запишува на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на катедрата по Историја на уметноста со археологија и дипломира во годината 1955. Во 1965 година на истиот универзитет ја одбранил докторската дисертација на тема: „Иконописот и иконописните центри во Македонија од доаѓањето на Турците до крајот на 17 век“.

Уште како студент, во 1952 година, почнал да работи во тогашниот Централен завод за заштита на спомениците на културата како помошник-препаратор. По дипломирањето продолжил да работи во Централниот, подоцна веќе Републичкиот завод за заштита на културните споменици и природните реткости на Македонија во Скопје, каде се здобил со звањето приправник-конзерватор.

Во 1956 година од Сојузниот завод за заштита на спомениците на културата во Белград е бил испратен на специјализација во Виена, во Центарот за конзервација (Bundesdek – malamt). Од 1956 година до 1980 година раководи со евиденцијата и документацијата на иконите во Републичкиот завод, посетувајќи повеќе од 1.340 населени места во Македонија со над 1.700 цркви и манастири, евидентирајќи притоа над 18.000 икони. Од 1959 до 1960 година престојува

во Бугарија, користејќи стипендија за реципрочна размена на стручњаци. Во тоа време работи во Одделот за применета уметност на Бугарската академија на науките и во Архивот на БАН за истражување на изворни документи за зографите од Македонија. Во 1964 година го стекнува звањето виш конзерватор, а за две години и со научното звање Научен соработник.

Во 1970 година бил гостин-професор на Универзитетот во Оксфорд (Merton College). Во 1976 година е избран за член на ИКОМОС, а во 1978 година за член на ад-хог Комитетот на Европската научна фондација. Во 1981 година бил назначен за Генерален директор на Музејот на Македонија – Археолошки, Етнолошки и Историски. Се пензионирал на 5 април 1989 година.

Почнувајќи од 1958 година до крајот на неговиот живот Коста Балабанов бил ангажиран во општествени и културно-уметнички активности на Македонија, а за своите активности има добиено бројни награди и признанија. Во 1975 година Медал и Диплома за извонреден придонес во заштита на културното наследство, на Сојузот на здруженијата на конзерватори на Југославија, во 1986 година Претседателството на Заводите за заштита на спомениците на културата на Полска, во Варшава, му доделува медал „Памјаткови“, во знак на признание за успешна соработка, во 1995 година Министерството за надворешни работи на Јапонија го прогласува за истакната личност која придонесува за соработката на Јапонија со странство. Во 2001 година во Токио, Министерот за надвореш ни работи на Јапонија му доделува Сребрен пехар со Златен амблем на Министерството за посебни заслуги околу продлабочувањето на пријателството и соработката помеѓу Јапонија и Република Македонија. Истата година, на конкурсот на Јапонската државна фондација, на кој биле пријавени 167 кандидати од целиот свет, Балабанов ја добива како прв од двајцата добитници „Специјалната награда на Фондацијата“ за 2001 година.

Извор: Каламус

Насловна фотографија: Принтскрин/Спона

Сподели