На 64 години замина новинарот Предраг Димитровски-Пепи

„Милка Шатева можеше да прави што сака со ракописите на нејзиниот татко. Сепак, се одлучи да ми ги даде мене, на еден македонски новинар“, рече пред десет години Предраг Димитровски на промоцијата на книгата „Пишаната оставина на Павел Шатев“. Беше особено горд на ова дело. Тој го изврши изборот и преводот на ракописите и сметаше дека лик како Павел Шатев заслужува големо внимание во домашната научна и публицистичка јавност. Милка Шатева токму нему му ја подари довербата и сета оставштина од нејзиниот татко. Со каков сјај во очите, трепет во гласот раскажуваше како ја тренспортирал историјата од Загреб во Скопје.

Денеска нè напушти Пепи, по кратко боледување. Срцето не му издржало. Имаше 64 години. Само два месеца беше во пензија. Во новинарството беше повеќе од 30 години. Секогаш смирен, сталожен, со голема почит кон сите колеги. Беше главен уредник во весникот „Вечер“ од 2005 до 2006 година, а потоа работеше и во дневниот весник „Дневник“. Последните години од работниот век ги помина во „Република“ и „Пресинг ТВ“. Добитник и на повеќе награди од областа на новинарството.

Посмртните останки ќе бидат изложени утре во 12.30 часот наскопските гробишта „Бутел“, а погребот е во 13.30 часот.

Фото: Принтскрин

Сподели