Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан се закитија со Орден за заслуги за Република Северна Македонија, што синоќа им ги врачи претседателот Стево Пендаровски
Вашата музика во дамарите на македонската душа има митски димензии затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа, и сè уште растат и живеат генерации Македонци, рече синоќа претседателот Стево Пендаровски и ги одликуваше членовите на култната музичка група „Леб и сол“ – Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан со Орден за заслуги за Република Северна Македонија. „Меѓу бројните, несоборливи докази за тоа кои сме ние Македонците, доволно е да го цитираме музичкото творештво и наследство на ,Леб и сол’ кои и во 21 век продолжува да ги инспирира музичарите да истражуваат нови предели додека ги почитуваат сопствените корени“.
Бодан Арсовски, Стево Пендаровски, Влатко Стефановски, Гарабет Тавитијан и Кокан Димушевски (од лево кон десно)
– Вечерва ве пречекавме со леб и сол, традиција која постои не само кај нас, туку и кај многу други народи, нордиски, балтички, кај Евреите, кај Албанците, кај балканците и секаде каде што постои таа традиција таа означува една иста работа – а тоа дека гостите се добредојдени. Само кај нас во македонскиот јазик тој израз има и друго посебно значење. Имено, кај нас леб и сол означува култ, категорија, институција со наднационално значење и вонвременски карактер. Зборуваме за музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан – рече Пендаровски во своето обраќање.
Претседателот додаде дека зборуваме за национално наследство кое е одамна впишано во културната и социјална ДНК на нашата држава, на македонскиот народ и на сите наши граѓани.
– Вечерва сите ние присутни овде сме дојдени да искажеме почит и да се заблагодариме на нашата скопска четворка за тоа што ја прославија државата високо на глобалната карта на уметнички достигнувања. Вашата музика, драги лауреати, во дамарите на македонската душа има митски димензии затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа, и се уште растат и живеат генерации Македонци – нагласи Пендаровски.
Тој истакна дека уште од нивниот прв албум објавен далечната 1978 година, „Леб и сол“ беа дефинирани како неприкосновени инструментални виртуози и пионери во она што критичарите го нарекоа world music fusion – комбинирајќи рок, џез и традиционални македонски ритми, при тоа, создавајќи музика која далеку ги надмина границите на времето.
Биг бендот на ЗЏМ
– Пред речиси половина век, „Леб и сол“ се етаблираа во национална гордост и категорија, статус кој без напор го одржуваат низ годините, сè до ден-денешен. Во 1990-тите, членовите на групата започнаа и солистички кариери, соработувајќи со исклучителни музичари од целиот свет, проширувајќи ги музичките хоризонти, но, останувајќи верни на етничкото наследство и националниот дух без кои не можете да оставите белези на глобален план, кажа Пендаровски.
Фото: Претседател на РСМ