Музички шепот на концертот на Пијан Славеј во Битола

Водачот на „Фолтин“, Бранислав Николов, со концерт во Битола го промовираше првиот албум што го објави под своето алтер-его Пијан Славеј, викендов во Битола. Претходно, промоцијата на албумот доживеа неколку настапи на овој артист на фестивалски и концертни сцени низ Македонија. Неговиот избран тим за овој концерт, беше придружен бенд составен од Пеце Трајковски, Славчо Јовев и Андреа Мирческа. Ова само покажува дека Пијан Славеј не е случајно граден музички дом на еден човек, туку талентиран артист кој крај себе сака да ги има секогаш „своите” во мигот во кој создава.

На неговите соло настапи, Бранислав Николов прави интересни музички спојки, кои се очигледни и со гостување на бројни исклучителни артисти и изведувачи во неговите лични песни. Тој е текстописец, поет и музичар кој од првиот ден на својот богат музички и поетски пат внесува еден нов иновативен правец и сензибилитет на македонската сцена и во тоа што го создава во неговиот матичен бенд, но и последните неколку години во овој негов соло проект.

Концертот кој се случи на сцената на Битолскиот театар, беше лична средба на публиката со стиховите и музиката на Бранко.

фотографии: Симоне Калица