Ова е прва самостојна изложба на авторот во регионот. Тој го разгледува музејот како институција што истовремено сака да биде достапна, инклузивна и современа, но и како место обременето со хиерархии, правила, и ограничувања
„Музеј отворен до понатамошно известување“ е насловот на самостојната изложба на Џем A. отворена во Музејот на современата уметност во Скопје. Куратори на изложбата се Јованка Попова и Никола Узуновски.
Ова е прва самостојна изложба на авторот во регионот. Тој го разгледува музејот како институција што истовремено сака да биде достапна, инклузивна и современа, но и како место обременето со хиерархии, правила, и ограничувања.
– Џем A. си поигрува со клишеата, административните изговори, бирократијата, националистички политики, структурни притисоци што ја одредуваат музејската работа. Насловот на изложбата алудира на несигурноста што ги обликуваа современите институции. „Отворено до понатамошно известување“ е административна фраза, а воедно и политичка метафора, сигнал за условеност, непостојаност и зависност од динамиката на социо-економските превирања – велат кураторите.
Изложбата „Музеј отворен до понатамошно известување“ не се занимава само со музејот како институција, туку како жив организам кој расте или стагнира зависен од културата, односите на моќ и општествена динамика. Уметникот прашува: кога велиме дека музејот е „отворен“, дали мислиме дека е физички достапен, дали е навистина инклузивен, или тоа е само формален декларативен гест кој прикрива структури на исклучување?
Џем A. ја гради својата практика на пресекот меѓу дигиталната култура и институционалниот простор. Тој ја преместува институционалната критика од елитистичкиот јазик на теоријата, кон популарната, секојдневна комуникација, таму каде што критичката мисла може да е вистински ефективна. Неговите дела (графички знаци, кратки текстови, редимејд дела и инсталации) го користат мемето како пристапен и демократски медиум, форма што разбирлива, лесна за споделување и субверзивна.
Мемето претставува облик на „децентрализирана креативност“, она што не зависи од авторитетот на институциите или елитните канали на уметничка продукција, туку се потпира на хоризонтална мрежа на споделување и репродукција. Неговата политичка сила е во можноста за постојана циркулација, повторување и пренамена, со што ја еродира моќта на институционалното авторство. Додека традиционалните музеи често ја репродуцираат вертикалната хиерархија помеѓу уметноста и публиката, мемето функционира како „контра-јазик“, достапен, неформален и суштински политички. Изложбата го користи овој потенцијал за да ја реобмисли институцијата не единствено како чувар на културно наследство или автономна уметничка вредност, туку како поле каде што децентрализираната, не-елитна и секојдневна креативност станува дел од пошироката политичка имагинација.
– За Џем A. мемето не е само алатка за хумор или интернет – гест, туку културна практика што ја отвора можноста критиката да биде споделена и разбрана надвор од границите на „високата“ култура. Тоа е средство за интервенција во сферата на културната продукција, и метод за колективно препознавање на состојбите во кои сите учествуваме: едноставна реченица, слика или комбинација на текст и ситуации на апсурд, што го отвора прашањето за тоа кој има пристап до уметноста и како таа комуницира со својата публика. Она што изгледа како шега е начин да се проговори за сериозни прашања: за складиштата полни со уметнички дела што никогаш не се гледаат, за дистанцата меѓу уметноста и заедницата, за бирократските правила што понекогаш го прават музејот недостапен наместо отворен – велат кураторите.
Уметникот го третира музејот како „контра-екран“: место каде дигиталните микронаративи на отпор и иронија се преведуваат во физички простор и добиваат институционална видливост. Во таа смисла, „Музеј отворен до понатамошно известување“ го артикулира музејот како политички субјект кој мора да преговара помеѓу својата институционална ригидност и денешната потреба од отвореност, етичност и општествена релевантност.
Изложбата во МСУ ќе биде отворена до 27 октомври.





