Мултимедијален спектакл во Сули ан вечерва на „Бела ноќ“

Проектот „Старата скопска чаршија: визии за иднината“ ќе биде промовиран вечерва во 20 часот во Сули ан во Старата скопска чаршија. Настанот е дел од „Бела ноќ“, а заедно го организираат Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, заедно со Институтот Гете, Амбасадата на Германијаа, Универзална Сала и град Скопје.

Проектот „Старата скопска чаршија: визии за иднината“ се заснова на меѓукултурен и меѓугенерациски дијалог, промовирајќи ја разноликоста на културното наследство и овозможувајќи им на младите да ја претстават својата визија за иднината на овој мултикултурен простор. Ќе бидат презентирани мултимедијалните креации создадени од студентите на Факултет за драмски уметности, Факултетот за ликовни уметности, Филозофскиот факултет, Филолошкиот факултет и Архитектонскиот факултет од Скопје. Програмата опфаќа креативни видеа, изложба на фотографии, историски наративи, литературни читања и архитектонски проекти за иднината на Старата чаршија.

Во 21.30 часот ќе следува концерт на електронска музика „Париз-Берлин-Скопје”. Ќе настапат: ДЏ Женева (Париз), Дарко Јорданов (Скопје) и Бојан Јанев – Soul Case (Скопје/Берлин).

Сподели