Мухамед Ибрахими и составот Dumai Dunai од Монтреал го отвораат „Локум фест“ во Битола

Со концертниот настап на македонскиот гитарист Мухамед Ибрахими во Завод и Музеј Битола вечерва во 20.30 часот ќе биде отворен 18. Балкански етно фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција“. Ибрахими е мултиинструменталист на жичани инструменти од Скопје. Својата гитара (мандолина, саз итн.) ја третира на многу неконвенционален начин, доста интуитивен и инспиративен. Неговите композиции се автентична мешавина на повеќе музички стилови, како блуз, рок или амбиентален, но длабоко вкоренети во ориенталната (суфи) традиција и албанскиот (балканскиот) фолклор. Овие храбри и елегантни комбинации честопати даваат неочекувани резултати среде уникатен и прекрасен звучен пејзаж. Зад себе има два албуми Devotion, Fly…

Во 22.30 часот во Безистен – „Везилка“ ќе настапи составот Dumai Dunai. Со седиште во Монтреал, седумте членови од Бугарија и Украина на овој бенд ги комбинираат длабоките тонови на даб со енергијата на панк рокот, сировата екстаза на разнесените балканските дувачки оркестри и радостите и тагите на украинската селска полифонија.

Водечките вокали Наталија Теленцо и Ели Камило пеат и пишуваат стихови на неколку јазици, вклучувајќи украински, англиски, српски, полски, шпански, македонски и римски.

Фестивалот е проект од национален интерес финансиран од Министерство за култура и Општина Битола, а поддржан во програмскиот дел од Амбасадата на Италија во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград и Генералниот конзулат на Грција во Битола.

Овој фестивал е единствен ваков во земјава, а поради неговата автентичност и континуитет препознатлив е како на регионално, така и на европско ниво. „Локум фест“ е член на неколку професионални фестивалски асоцијации, меѓу која и европската Most music.

Фестивалот својот зародиш го има во старата битолска чаршија, од каде и ја црпи инспирацијата, на локумот и кафето како синоним за средба на културите и негува концепт на промовирање музички стилови од традиционална староградска музика, до ладино, етно фјужн и world music. Во изминатите 17 години на „Локум фест“ настапиле преку 100 музички ансамбли од преку 25 земји од регионот и светот.На сцената во старата чаршија, Офицерски дом , Завод и Музеј, Хераклеја, Широк сокак, настапувале речиси сите релевантни музички имиња од Македонија, како: Баклава, Чалгија саудн систем, Љубојна, Монистра, Тони Китановски и Черкези оркестар, Зоран Џорлев, Стевче Стојковски, Даутовски, Вања Лазарова итн. Карактеристично за Локум фест е што користи културно-историски локации како отворени сценски простори, едновремено промовирајќи ги како културно-туристички атрибут.
Фестивалот припаѓа на групата heritage festivals, промовирајќи живо културно наследство како дел од колективната меморија. Изминатите години беа оддржани 17 саеми на креативна индустрија со ЗУР Македонски ракотворби, како и изложби на раритети од семејни колекции и од Државен архив на Македонија-одд.Битола. Годинава фестивалот го одбележува своето„полнолетство“, а програмата е умесно конципирана со музички настани кои во себе кријат амалгам на култури и влијанија типични за регионот и овој дел на Европа.

Сподели