МСУ полни 60 години

Музeјот на современата уметност во Скопје денеска напладне со матине ќе одбележи 60 години од основањето. Пред присутните ексклузивно по 35 години, ќе биде изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 –2023). По формалното обраќање публиката низ поставките ќе ги води кустос-водичот Бојана Јанева, со диџеј сет на Игор Спироски.

По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност започнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на Музејот.

– Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на нашиот музеј, е конзервирано од стручниот тим на МСУ и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања – велат од МСУ.

На јубилејниот настан ќе биде претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр.35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија и во кое се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности,

практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти кои ги адресираат и вон-човечките простори.

Сподели