МСУ матине утре со кустосот Бојана Јанева и две актуелни изложби

Точно на пладне утре во 12 часот во Музејот на современата уметност – Скопје ќе се одржи МСУ водич со кустосот Бојана Јанева, која ќе ги прошета посетителите низ двете новоотворени изложби. Како придружен настан ќе биде на матине дружење со диџеј сет на Дарко Јорданов.

Ќе можат да се посетат изложбите „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“ на кураторите Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец, како и самостојната изложба на светски познатиот уметник Јонас Стал – „Станица Пропаганда“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева.

Поставката проследува хронологија на настаните почнувајќи од 1963 година како нулта точка, преку формирањето на институцијата во 1964 година, изградбата и отворањето на Музејот во 1970 година, па до најактуелните изложби како меѓународната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ и самостојните изложби на светски уметници. Таа е обид, преку мапирање на бројните настани и нивниот визуелен комуникациски аспект да се даде поттик во размислувањата за важноста на МСУ-Скопје во процесот на проектирање и оформување на сликата за современоста.

На изложбата покрај прегледот на визуелниот и документарен материјал, плакати, публикации, претставен е и избор од делата од колекцијата на МСУ-Скопје, меѓу кои оние на Марино Тартаља, Ханс Хартунг, Александар Калдер, Петар Лубарда, Душан Оташевиќ, Петар Хаџи Бошков, Јордан Грабул, Анета Светиева, Малгоржата Потоцка, Јован Шумковски, Христина Иваноска, Что Делат…

Холандскиот уметник Јонас Стал е препознатлив по истражување на односот помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“.

Еден од главните елементи кои ја градат инсталацијата на Стал, специјално создадена за Музејот на современата уметност – Скопје е видео студијата „Пропаганден театар“ од 2023 година, преку која го сумира десетгодишното истражување за пропагандата.
Ставот на уметникот е дека пропагандата не е само испраќање и манипулирање на некоја порака, туку има за цел да конструира нови реалности. Според Стал, пропагандистите немаат интерес да работат во рамки на постоечката реалност, туку сакаат да создаваат нови светови.

Настанот се реализира со поддршка на пријателите на МСУ – Тиквеш и Хајнекен.

Сподели