Монографија за животот и творештвото на скулпторката Анета Светиева

Промоција на монографијата посветена на животот и творештвото на скулпторката Анета Светиева ќе се одржи во петок (19 мај), во Даут-пашиниот амам во Скопје. Промотор на книгата е историчарот на уметност, проф. д-р Небојша Вилиќ. Од Националната галерија велат дека слоевитоста на животот и комплексноста на творештвото на Светиева, вкрстување на нејзините животни тешко проодливи патишта и ситуации со нејзиното дело, колку и да го отежнуваат нивното ткаење, беа и нејзината единствена вистинска патека кон духовната слобода, а со тоа и го овозможија и замавот за градење на еден специфичен и автентичен свет, со целосна предаденост на барањето на вистината и во животот и во творештвото: бескомпромисност во ставот кон вредносниот систем и перманентно барање на универзалните вредности.

– Истрајноста во љубовта кон творештвото и кон земјата како материјал и како традиција, кон обликот што го создава без нагласено да се забележат нејзините немири и страдањата… се одразија во симболиката на изборот на митските суштества. Во 60-тите години, скулптурата на Светиева подразбира анатомски истражувања, со понагласен експресивен гест и меко моделирање со прсти, во 70-тите ја надградува и усовршува формата, за да во 80-тите го пречистува и смирува обликот ставајќи го акцентот на слоевитоста на духовната енергија, напластена во формата, додека надворешната епидерма станува прегнантна мембрана што го обвиткува вкочанетиот и достоинствен облик – оди кон замрзнување на формата – пишува во најавата за промоцијата.

Во своите први настапи во седумдесетите години, кога сè уште е присутен плуралистички приод кон делото, Светиева прави поместување кон една прочистена уметничка поларизација, непослушно се одметна од академските стереотипи и влезе во зоната која го означи ликот и духот на нејзината скулптура, која критиката ја дефинира како дела со јасен концептуален и изведувачки проседе, надвор од тогашните вообичаени јазички модели.

– Интуитивно чувствуваше дека од архаичното, од македонското поднебје, од Балканот, од древните култури, може да се извлече една универзална вистина за автентичните идентитети, со длабока верба во тоа дека таа жива вистина за вредностите нема временски ограничувања, туку е една постојана потрага по сопствените рапсодии, по ликовите во нејзината балканска, вонвременска сага, една голема дарба за паметење на животот и на судбината на човекот. Скултурата на Светиева е оригинална и во најголема мерка осамена појава. Во сликањето на животот, на човековите траги во времето и во просторот, ја покажа својата голема дарба: од елементарните животни ситуации врзани за обичаите, навиките, сеќавањата… создаде импозантно уметничко дело. Доколку внимателно ги следиме исечоците од нејзиниот внатрешен свет, можеме да го склопиме мозаикот на движечката сила, на симбиозата на нејзиниот живот и на нејзиното дело. Да се почувствува лепливата маса, да се доживее скулптурата, значи вистински, целосно да се почувствува духот на Анета Светиева – пишува во највата.

Сподели