Вложувањето во нова опрема за факултетите е истовремено вложување и во развојот на високото образование. На овој начин овозможуваме подобри услови за теоретска и практична настава на студентите- идни стоматолози. Ја препознаваме потребата за капитални инвестиции, но и во квалитетно високо образование и ќе продолжиме во таа насока – рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера при посетата на Стоматолошкиот факултет во Скопје при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерството за образование и наука, заедно со Ректоратот, изминатите две година реализираа инвестиција во опрема за подобрување на условите за настава за студентите. На посетата беа присутни и ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски, деканот на Стоматолошки факултет проф. д-р Ќиро Ивановски и проф. д-р Елизабета Ѓеоргиевска од Катедрата за детска и превентивна стоматологија.
Во изминатите две години МОН поддржа комплетно реновирање и опремување со најсовремена опрема на 4 клинички сали за потребите на Катедрата за детска и превентивна стоматологија, Катедрата за орална хирургија, Катедрата за имплантологија, Катедрата за болести на забите и ендодонтот и Катедрата за болести на устата и пародонтот. За набавка на најсовремена опрема, МОН одвои вкупно 10.000.000 денари.