МОН: Три саботи ќе одработат училиштата до крајот на школската година

Неработните денови за претстојните избори, 24 април и 8 мај училиштата ќе ги одработат во две саботи. Министерството за образование и наука веќе ги известило училиштата дека часовите од 24 април ќе бидат одработени во сабота, на 18 мај, а часовите предвидени за 8 мај ќе бидат одработени во сабота, на 1 јуни. Ќе биде одработен и неработниот ден даден на 30 ноември поради одржувањето на Самитот на ОБСЕ во Скопје. Овој ден училштата ќе го одработат во сабота, на 15 јуни.

Според МОН, овие денови мора да се одработат поради Законот за основно образование, според кој наставата во улебната година се остварува со 180 наставни денови.

На веста реагираше Јаким Неделков, претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) кој на социјалните мрежи порача министерот за образование веднаш да го повлече известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат неработните денови, прогласени од Владата, заради одржување на престојните избори.

– Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни?! И други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година – вели Неделков.

МОН вчера соопшти дека деновите пред гласањето (23 април и 7 мај) ќе бидат работни денови за сите. Во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес, наставата ќе се реализира од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија, односно класови. Во останатите училишта каде не се спроведува гласање, наставата ќе се реализира вообичаено и согласно предвидениот дневен распоред.

Наставната година ќе трае според предвиденото – за учениците од средните училишта до 10 јуни, а за основците до 17 јуни. Во известувањето на МОН не е наведено дали средношколците ќе треба да одат на настава на 15 јуни, кога е предвидено да се одработи неработниот ден на 30 ноември.

Сподели