МОН се пишмани – училиштата нема да одработуваат саботи

Училиштата сепак нема да ги одработуваат саботите поради пропуштената настава на деновите на изборите 24 април и 8 мај и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ во Скопје. Наместо во сабота, училиштата ќе треба наставата да надоместат во работни денови, соопшти Министерството за образвание и наука.

Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците – соопшти МОН.

Учебната година ќе заврши според предвиденото – за средношколците на 10 јуни, а за основците на 17 јуни.
– Потребно е да го зачуваме најдобриот интерес на учениците, а тоа подразбира тие во целост и квалитетно да ја совладаат предвидената наставна материја – велат од МОН.

Минатата недела МОН ги извести училиштата дека часовите од 24 април ќе бидат одработени во сабота, на 18 мај, а часовите предвидени за 8 мај ќе бидат одработени во сабота, на 1 јуни. Неработниот 30 ноември поради одржувањето на Самитот на ОБСЕ во Скопје требаше да го одработат на 15 јуни. Според МОН, овие денови мора да се одработат поради Законот за основно образование, според кој наставата во улебната година се остварува со 180 наставни денови.

На веста реагираше Јаким Неделков, претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) кој на социјалните мрежи порача министерот за образование веднаш да го повлече известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат неработните денови, прогласени од Владата, заради одржување на престојните избори.

– Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни?! И други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година – порача Неделков.

Сподели