Вината за грешките во содржината на учебникот по Историја и општество за 5. одделение, авторите и рецензентите неосновано ја префрлаат на Министерството за образование и наука, соопшти МОН. Тие објаснуваат дека рецнезентите им сугерирале измени на авторите, а тие (авторите) до Националната комисија за учебници на цеде го доставиле учебникот заедно со допис во кој е наведено дека се работи за финална верзија.
– Рецензентите пак, имаат потпишано изјава дека нивните забелешки се имплементирани во истата. Сите предизвици кои им настанале при изработката на учебникот, авторите и рецензентите требало да ги надминат со Националната комисија за учебници која е надлежна за спроведување на процедурата за одобрување на учебници. Членовите на комисијата, всушност преку гласање одлучуваат за прифаќање, односно неприфаќање на одреден учебник. Во случајов, одлучиле учебникот со грешки да биде прифатен – соопштуваат од МОН.
Во учебникот се провлекле низа недоследности, грешки и неточни информации – дека Македонија на исток се гранични со Албанија, највисока планина во светот е Монт Еверест со 29.035 метри надморска височина, а најниска точка е Мртво Море со 1.400 метри под морското ниво (во случајот, не се конвертирани мерките од стапки во метри). Авторки на учебниците се Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, а како рецензенти се потпишани Беса Хавзиу-Исмаили, Анета Соклевска и Виолета Шурбановска. Учебникот деновиве им беше предаден на учениците, бидејќи не беше готов на почетокот на школската година. Јавноста реагираше на грешките и нелогичностите.





