МОН го укина вонредното медицинско за да спречи печалба во странство

Во мирување се става запишувањето на вонредни ученици во медицинските училишта во Македонија, соопшти Министерството за образование и наука.

– За сите јавни средни училишта што одржуваат настава од здравствена струка, запишувањето на вонредни ученици се става во мирување почнувајќи од мартовската испитна сесија. Претходно запишаните вонредни ученици продолжуваат со полагањето на предвидените испити, но во следниот период нема да може да се запишуваат нови. Редовни ученици пак, ќе можат да се запишуваат вообичаено во текот на месец јуни, во согласност со квотите кои ќе бидат утврдувани во конкурсите за уписи во јавни средни училишта – пишува во соопштението.

Од МОН објаснуваат дека ова е првенствено од интерес на процесот на создавање квалитетен медицински кадар. За разлика од редовните ученици кои освен теоретската, имаат и ефективна практична настава по стандарди утврдени во наставните планови и програми, за вонредните ученици по медицина, можностите за пракса во реални услови се значително ограничени.

– Оваа одлука е во согласност со напорите на државата за спречување на одливот на работна сила, која значително недостасува во здравствениот сектор. Статистиките велат дека во вонредно медицинско образование најчесто се запишуваат повозрасни граѓани, со намера да се преквалификуваат и да побараат работен ангажман надвор од земјата – велат од МОН.

Дополнителен предизвик е и тоа што уписот во вонредно образование нема ограничувачки квоти, за разлика од уписот на редовни ученици кој се дефинира со конкретни квоти. Во согласност со капацитетите на училиштата и минимум поени дефинирани во секој конкурс за упис во средно образование изнесува минимум 70 поени, односно одличен успех во основното образование, а понекогаш и дополнителни квалификациони тестирања за селекција на поголем број на пријавени ученици со 75 поени.

– Ова е времена одлука. Во периодот што следи фокус ќе биде ставен на можностите за унапредување на вонредното образование од здравствената струка, за граѓаните кои ќе се одлучат за оваа опција, да стекнуваат соодветни знаења и вештини, но и притоа да бидат мотивирани за реализација на личниот потенцијал во сопствената земја – велат од МОН.

Сподели