„Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова премиерно во МОМА во Њујорк

Документарецот „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова ќе биде премиерно прикажан во Музејот на модерната уметност (МОМА) во Њујорк во рамките на престижната програма Doc Fortnight 2024. Премиерата е закажана на 25 февруари, а по проекцијата следува и разговор со режисерката. Втора проекција филмот ќе има на 5 март.

Ова е прв филм во македонска копродукција кој ќе биде прикажан во официјалната селекција за не-фикција на МОМА. Селектирани се само 13 долгометражни дела, како најдобри филмови реализирани минатата година. Тое за прв пат ќе бидат прикажани во Северна Америка, вклучувајќи и филмови кои ќе имаат свои светски премиери.

– Низ ова издание на фестивалот, кураторите на филм вклучуваат автори и авторки кои низ своите дела се соочуваат со историите на насилство и империјализам, разоткривајќи го нивниот одек во сегашноста преку креативна реанимација на историски и заборавени архиви – вели Новакова.

„Молкот на разумот“ освои Срце на Сараево за човекови права, наградата за најдобра режија на ИДФА во Амстердам, наградата за најхрабар филм на Авторскиот филмски фестивал во Белград, специјалната награда на жирито на Филмскиот фестивал во Торино, како и специјалната награда „Очилата на Ганди“ под покровителство на Centro Studi Sereno Regis на Филмскиот фестивал во Торино. Во Македонија филмот беше прикажан на специјална проекција во рамките на фестивалот на „Прво па женско“.

Во следниот период следуваат премиери на филмот и на најзначајните национални фестивали во Грција, Шпанија, Чешка, Франција, Романија, како и фестивалски проекции надвор од Европа.

„Молкот на разумот“ е подржан со уметнички грант од страна на БИРН, а е во македонско-босанска ко-продукција. Гостувањето на Кумјана Новакова во Њујорк е подржано од Музејот на модерна уметност во Њујорк – МОМА и нашето Министерство за култура.

Сподели