„Молитви на моето тело“ вечерва на Танц фест Скопје

Балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, инспириран од циклусот поезија со истоимениот наслов на Ацо Шопов, ќе биде изведен вечерва во 20 часот во Националната опера и балет, на програмата на Танц фест – Скопје.
Идејата за проектот и костимограф е Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска. Кореографи се: Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова. Музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски. Видеоанимации во циклус – Вознес: Доријан Миловановиќ. Мултимедија и графички дизајн – Лазе Трипков. Поетско читање – Никола Ристановски.

– Создавањето на драматуршка предлошка на поезијата на Шопов беше екстатичка игра co значења, состојби, емоции, нијанси, ароми, бои,… Тоа е опоен процес на продирање во најдлабоките химери на неговата поетска реч, но при тоа погледнати преку диоптријата на обликовната матрица на едно сценско дело. Поаѓајќи од танцовиот изведувачки дискурс идеја беше да се постигне преведување, конвертирање на зборот во движење.
Претставата е втемелена на дванаесет песни на Ацо Шопов, единаесет од циклусот Молитви на моето тело и песната Раѓање на зборот, која мошне природно се надоврза на циклусот. Песните на Шопов се моќни, но едновремено интимни приказни пресликани во еден нов, поинаков медиум. Поетот го поставува телото во својот поетски интерес, телото од друга страна е алатка, знак во танцовата уметност. Поради тоа соединувањето на зборот на Шопов и идејата за телото како негова појдовна инспиративна парадигма, со танцот како јазик се одвиваше природно и мошне органски. Претставата стреми кон креирање на перформативна алхемија, симбиоза на изрази, современ синкретизам, пишува Соња Здравковска-Џепаровска.

Сподели