„Мојот маж“ на Бужаровска одекна во Франција: Смешни приказни забавни да се читаат, со хумор кој гризе

Книгата има голем прием во книжарниците. Веќе има неколку рецензии и тоа многу позитивни. За мене ова е голема чест и привилегија. Деновиве давам интервјуа и се среќавам со издавачи, изјави Бужаровска за Умно.мк

Румена Бужаровска истражува многу аспекти од брачниот и семејниот живот. Нејзиното пишување е ударно, каустично (што нагризува). Приказните често се смешни, хуморот гризе, дури и саркастичен. Во нејзините приказни има широк спектар на тонови, чувства. Сопрузите на овие дами не „блескаат“, но грешките, понекогаш и злобата на сопругите не се кријат, напротив. Оваа книга е повеќе обвинение против институцијата брак отколку против мажите како такви. Тоа е пикантна, разочарана гледна точка за паровите и за човечката психологија. И многу е забавно да се чита – пишува Жан-Мари Шамуар од порталот Toute le Culture.

По објавувањето на книгата „Мојот маж“ на Бужаровска во издание на престижниот „Галимар“ (Mon Cher Mari), не стивнува медиумскиот интерес за нашата авторка и нејзиното дело. Бужаровска е прв автор од Македонија воопшто што некогаш бил издаден од овој издавчаки гигант. Книгата официјално се најде во книжарниците низ Франција на 8 септември.

– Книгата има голем прием во книжарниците. Веќе има неколку рецензии и тоа многу позитивни. За мене ова е голема чест и привилегија. Деновиве давам интервјуа и се среќавам со моите издавачи – изјави Бужаровска за Умно.мк.

Бужаровска заедно со Бежановска (лево) и Орор Туја, уредничка во „Галимар“

Со „Мојот маж“, Румена Бужаровска потпишува збирка од единаесет раскази цинично пристапувајќи кон различните разочарувања од брачниот живот. Во превод од македонски на Марија Бежановска, делото во издание на „Галимар“ нуди убав преглед на балканската книжевна сцена. Целото дело е тврдоглаво, комично и изразито феминистичко – пишува Ан-Шарлот Пелтрие од Zone-critique.

– Авторката се осврнува на толку многу вознемирувачки чувства и сериозни теми: загубата на детето, тежината на гените, смртта и вината што ја придружува. На евоцирањето на споменот од детството, раскажан од нејзината мајка, нараторот на „Супата“ пушта солза во чинијата. Со скромност се изразува сета нејасност на односите. „Мојот драг сопруг“, и покрај нејзиниот наслов, не е книга за мажи: таа раскажува за жените преку нивниот сопружник, нивната состојба како сопруги во многу изненадувачки кратки приказни каде одиме од смеење до чкртање со заби и каде наизменично леснотија и суровост – пишува Les Manoir de Lettre.
Oвие македонски раскази, првпат објавени во 2014 година (уред. Блесок) под оригиналниот наслов „Мојот маж“ и објавени од Галимар оваа година, се навистина големо откритие! – додаваат од медиумот.

„Мојот маж“ е веќе објавена на српски, хрватски, германски, англиски јазик, унгарски, италијански, албански јазик, а наскоро се очекуваат и преводите на грчки, шпански и португалски јазик. Кај нас доживеа осум реизданија во ,,Или-Или”. Расказите беа инспирација и за театарски претстави во три земји – Македонија (Драмски театар), Србија (Југословенско драмско позориште – Белград) и Словенија (Словенск народно гледалишче).

Сподели