Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Модерни и многуоблични“. Со свои дела ќе се претстават академскиот вајар Славчо Павлоски од Прилеп и Бранко Манчев, Ванеса Ода и Вероника Цветаноска, студенти ан Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Проектот ја претставува модерната уметност во скулптурата, графиката и сликарството. Изложба ги претставува разновидноста и комплексноста на модерната уметност, вклучувајќи различни стилови, техники и изразни средства.
– Модерната уметност е изразителен и широк поим што содржи различни стилови, техники и концепции во уметноста од почетокот на 20 век. Таа се разликува од класичната уметност, поради својата иновативност, експериментирањето и фокусот на современите теми и искуства. Оваа уметност често го претставува духот на современоста и реакциите врз социјалните, политичките и технолошки промени – велат организаторите.
Славчо Павлоски (2001, Прилеп) дипломирал на ФЛУ на отсек вајарство, под менторство на проф. м-р Гоце Наневски. Член е на Друштвото на ликовните уметници од Прилеп и на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Бранко Манчев (2002, Скопје) е студент на ФЛУ, на отсекот ликовна педагогија – сликарство под менторство на проф. м-р Јован Шумковски. Ванеса Ода (2002, Струга) студира на ФЛУ на отсекот ликовна педагогија – графика. Вероника Цветкоска (2002, Битола) студира на ФЛУ на отсек вајарство, под менторство на проф. Жарко Башески.





